| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски-Давутоглу: Турција и Македонија имаат одлични билатерални односи

DSC_0046Помеѓу Турција и Македонија постои цврста соработка која се одвива во духот на пријателството, меѓусебното почитување и разбирање, оценија премиерот Никола Груевски претседателот на Владата на Република Турција, Ахмет Давутоглу по денешната средба во Анкара.

Тие ги поздравија одличните политички односи помеѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво, и изразија задоволство од постојаниот и нагорен тренд на развој кој се карактеризира и со редовни средби на највисоко ниво.

DSC_0271– Република Турција е наш долгогодишен пријател и стратешки партнер, а оваа средба претставува уште еден показател за одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, кои се одликуваат со висок степен на пријателство и разбирање, интензивна соработка на сите нивоа, отворен дијалог и волја за натамошна реализација на проекти од заеднички интерес на сите полиња, изјави премиерот Груевски.

Двата премиера констатираа дека е направен голем напредок во економската соработка, и ја изразија својата цврста определба за дополнителен ангажман за унапредување на трговската размена и соработката на полето на инвестициите.


DSC_0179
Премиерот Груевски ги истакна и поволностите што ги нуди нашата земја за сите потенцијални турски инвеститори за отворање и водење бизнис во Република Македонија. Тој позитивно ги оцени турските фирми кои веќе инвестирале во нашата земја, и ги охрабри останатите фирми да започнат со анализи кои би воделе кон финална одлука да инвестираат во Македонија.

Македонскиот и турскиот премиер се согласија дека европската и евроатланската интеграција на Југоисточна Европа е заедничка визија на двете земји и на двете влади како најдобар гарант за стабилноста на регионот, за меѓусебната соработка на земјите и за обезбедување на услови за што поголем економски раст и развој.

DSC_9978– Република Македонија особено го цени фактот што Република Турција, од осамостојувањето до денес, останува конзистентна во почитувањето на нашите национални и државни интереси во билатералната и мултилатералната комуникација и што безрезервно ја поддржува нашата земја во европските и евроатланските аспирации, кои остануваат наша примарна цел, нагласи премиерот Груевски.

Турскиот премиер Давутоглу истакна дека ова за него лично е важна посета бидејќи таа е прва официјална посета на премиер од друга држава откако беше именуван на новата функција.

– Со Македонија имаме добри и пријателски односи. Имаме и историски врски. Тие добри конекции се одразуваат и врз економијата и политиката, изјави Давутоглу.

Тој посочи дека политичките односи се на добро ниво.

– Досега сме немале проблеми ниту пак значајни отворени прашања. На меѓународен план се поддржуваме и Турција лобира за Македонија. Република Македонија целосно ја подржуваме во нејзините евроатлански интеграции и стоиме на располагање да помогнеме на тој план, посочи Давутоглу и додаде дека лично како политичар ја користи секоја прилика да и помогне на државата.

Република Турција во Македонија, нагласи, гледа традиционален пријател.

Соговорниците разменија мислења и на останати теми од заеднички и од регионален интерес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top