Со осумте натпревари од четири групи А, Б, Ц и Д вечерва од 20 часот и 45 минута стартува новата сезона од елитното натпреварување, фудбалската Лига на шампиони.
Шампионот Реал Мадрид одбраната на трофејот ќе ја започне на домашен терен против швајцарскиот претставник Базел. Букмејкерите токму на мадридскиот клуб му даваат најголеми шанси за освојување на вредниот трофеј, а како негови најголеми конкуренти за триумф во ЛШ се сметаат Баерн Минхен, Барселона и Челзи.
По пауза од пет сезони во Лигата на шампиони се враќа Ливерпул, кој последен пат настапуваше во сезоната 2009/10. Навивачите на Ливерпул по повод враќањето во најквалитетното фудбалско натпреварување на „Енфилд“ подготвуваат импозантна кореографија која што во вторник ќе ја видиме на нивниот стадион.
Тимот на Горан Пандев на домашен терен ќе ја пречека екипата на Андерлехт, а нашиот фудбалер е најавен во стартниот состав.
– Нашата екипа ги има сите предуслови за да одигра на најдобро ниво, борбено и со голема желба за победа, ние ќе играме на домашен терен пред своите навивачи. За мене ова ќе биде прв натпревар пред фановите на Галатасарај и верувам дека ќе победиме.
Секогаш во фудбалот навивачите се 12-от играч, со нив сме далеку посилни. ЛШ е најквалитетното натпреварување во Европа, добро е чувството повторно да имам можност да играм во ЛШ. Еднаш освоив со Интер, сега сум во Галатасарај и сакам и овде да доживеам нешто слично на тоа. Во ЛШ секој натпревар е посебен и треба да се оди чекор по чекор, мора да бидеме подготвени за секој предизвик – изјави Горан Пандев пред вечерашниот дуел на Галатасарај против Андерлехт.
Очигледни се проблемите со составот на Ливерпул, каде ќе отсуствуваат неколку стандардни првотимци, како и на Арсенал, каде Арсен Венгер ќе мора да експериментира со одбранбената линија по повредата на Дебуши и болеста на Монреал.
Двојки за вечерашните дуели:
Група А: Олимпијакос – Атлетико Мадрид и Јувентус – Малме.
Група Б: Ливерпул – Лудогорец и Реал Мадрид – Базел.
Група Ц: Монако – Баер Леверкузен и Бенфика – Зенит.
Група Д: Галатасарај – Андерлехт и Борусија Дортмунд – Арсенал.
Натпреварите во другите четири групи ќе се играат утревечер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



