| четврток, 6 декември 2018 |

Признание за животно дело за Мето Јовановски

Годинашен лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ од Крива Паланка е еден од најголемите македонски актери Мето Јовановски, кому на отворањето на фестивалот му беше доделено признание за животно дело.

На првата фестивалска вечер во НУ Центар за култура – Крива Паланка беше прикажан краток филм посветен на животот и делото на Јовановски.

Театарскиот критичар Гоце Ристовски говореше за животот и делото на Јовански, за кого рече дека е актер со маркантно присуство и на телевизија и во театарот, носител на повеќе од 30 меѓународни награди и признанија.

– Мето Јовановски е грамаден актер кој оставил голем, траен, печат на театарот, но и филмот, во Македонија, на Балканот и пошироко. Восхитен од неговата огромна љубов кон театарот, јас секогаш стојам простум пред него и учам од неговата културна етика. Горд сум што сум сведок на овој голем чин од историјата на мојот град Крива Паланка и посакувам ореолот на светецот
Јоаким Осоговски чие име го носи фестивалот да го следи и овенча со светлина и успеси големиот Јовановски и во иднина – истакна Ристовски.

Наградата за животно дело што се доделува секоја година за посебни заслуги во развојот на македонската театарска уметност му ја врачи градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

– Благодарен сум и горд што сум лауреат на еден фествал кој е успешна приказна, мост, спона за народите во заедништво, како зрак светлина во мракот наталожен на овие простори од стереотипите на минатото – изјави Јовановски.

Тој додаде дека сите досегашни учесници на овој фестивал се вградени во мозаикот на големината и убавината-театарот.

– Според Достоевски, убавината ќе го спаси светот, а јас велам, убавината во нашите души е дар Божји кој треба да се негува за да ги затоплува нашите закоравени срца. Преку театарот и традицијата на неговото постоење ова се постигнува сосема лесно – рече Јовановски.

Нагласи дека се надева оти Крива Паланка со своите убавини и културни добра и понатаму ќе биде центар на културата.

– Овој град со вековна традиција нека и понатаму зрачи со силата на убавото во чест на илјадалетното постоење на свети Јоаким Осоговски и нека биде ориентир за сите посетители.

Благодарам од срце за наградата, а овој фестивал е добра традиција и патоказ дека историјата и традицијата треба да се негуваат – заврши Јовановски.

Организацискиот одбор на фестивалот секоја година доделува признание за животно дело, а до сега го добиле актерите Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Шенка Колозова, Петар Темелковски и Страшко Милошевски.

На ревијалната фестивалска програма која започнува вечер ќе настапат театри од Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, Хрватска и од Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top