Краткометражниот филм „Последните камбани“ ќе биде прикажан на 41. издание на Филмскиот фестивал во Монтреал, кој се одржува од 24. август до 4. септември 2017 година во Канада. Филмот е селектиран во рамки на светската натпреварувачка селекција за кратки филмови. Проекцијата ќе се одржи на 28. август, соопшти тимот на „ДНФ Филмс“.
Филмот е работен по сценарио и во режија на Никола Поповски, а актерот Мето Јовановски ја игра главната улога.
– Да се биде дел од фестивал со четириесет годишна историја, и тоа во натпреварувачка програма на кратки филмови, за мене претставува чест, но и одговорност да се продолжи традицијата на културолошкиот квалитет, разновидност, независност и креативност кои тој ги нуди. Посакувам и се надевам на успешно преставување на фестивалот во Монтреал – вели режисерот Поповски.
Тој додава и дека фактот што е тоа единствениот компетитивен фестивал во Северна Америка кој е признат од Меѓународната федерација на здруженијата на филмски продуценти, го издига предизвикот на уште повисоко ниво.
Продуцентот Гоце Кралевски објаснува дека филмот ќе биде прикажан и на 23. издание на Меѓународниот фестивал за кратки филмови во Драма, Грција Грција, кој се одржува од 18. до 23. септември.
– Куриозитет на „Последните камбани“ е што во него воопшто нема говор, а убавините на двете села, Љубојно и Брајчино, каде се снимаше минатата година, играат важна улога и тие како да се дел од карактерите. Се надевам дека токму ова ќе успее да ги плени филмските сладокусци низ светските фестивали – рече Кралевски.
„Последните камбани“ е остварување кое говори за осаменоста и соочувањето со неа и ја носи приказната за еден старец (Јовановски), кој преку камбаната комуницира со неговиот пријател од соседното село.
Директор на фотографија е Фејми Даут, а актерската екипа ја сочинуваат и Сања Николовска Најдовска и Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, музиката на Дарко Спасовски – Пацки и на Горан Кан, шминката е на Наталија Кајевска, а костимите ги направи Ирена Боневска. Продукцијата на „Последните камбани“ е на „ДНФ филмс“, а остварувањето е поддржано од агенцијата за филм на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Се воведува државна награда за унапредување на човековите права „Мето Јовановски“
-
Доделена првата награда „Театропис“ за претставата „Животот е магичен круг“ на Мето Јовановски
-
Премиерно прикажан филмот „Последните камбани“ со Мето Јовановски во главна улога
-
Премиера на краткометражниот филм „Последните камбани“