| четврток, 6 декември 2018 |

Со „Полско цвеќе“ на Проески до прво место на „Пирин фолк“ во Бугарија

Голем број на Македонци и годинава активно учествуваа на добропрочуениот фестивал за народна музика „Пирин фолк“, кој се одржува секоја година во Сандански, Бугарија. Првата награда замина во рацете на седумнаесет годишната Кристина Иванова за нејзината изведба на „Полско цвеќе“ на Тоше Проески

На овогодинешното дваесет и второто издание по ред, еден од почесните гости беше проф. Д-р Илчо Јованов, професор и декан на музичкиот универзитет во Штип, исто така директор на фестивалот „Цветници“ и раководител на народниот оркестар „Фолк-фест Валандово“. На авторската вечер, посветена токму на почесните гости, Јованов на својата хармоника заедно со својот колега Александар Ковачевиќ од Србија направија необични и интересни импровизации на симбиозата на народна музика и валцер.

Јованов сподели дека е премногу задоволен од организацијата на фестивалот и непоткупеното жири на чело со претседателот проф. Стефан Драгостинов од Нов Бугарски Универзитет.

Дел од жирито беше и директорот на фестивалот „Еврофест“, Костадин Костадиновски, кој е еден од двигателите на успешната организација во самата основа на „Пирин фолк“.

На прашањето каков беше односот на Македонците, Србите и Бугарите во врска со фолклорното творештво и народна песна и дали на еден таков фестивал имаше оспорувања меѓу идентитетите и  нивните фолклорни песни или не е така како што политиката му налага на народот, Костадиновски вели дека политиката не трева да се меша со културата.

–  Тоа што „Пирин фолк“ стана балкански фестивал е за поздравување. Тој благороден чин ги зближува народите  од Балканот, ја збогатува програмата и ги потенцира сличноста и разликата во фолклорниот израз на Македонците, Бугарите и Србите.А,  политиката не треба да се меша во културата, особено не во музиката. Политиката нека биде на политичарите, а музиката на музичарите и сите нејзини консументи – изјави Костадиновски.

Во категоријата за најдобра авторска песна, првата награда отиде во рацете на Маргарита Хранова, која се претстави со песната „Молитва за нас“. На второ место застана Велизар Илиев со песната  „Срешту сдбата“ и на трето место Деси Добрева пеејќи  „Ѕвездена нестинарка“. Во втората класација, втората вечер од фестивалот (7 септември), имаше две категории. Во првата категорија за најдобар изведувач наградите отидоа во рацете на: Кристина Иванова (прво место), втората награда ја зема Македонецот Ѓоко Јовиќ кој пееше „Туѓина пуста далечина“ и третата награда отиде кај Светлин Миланов за изведбата на „Като Богородица“.

Во класацијата за изведувачи во група најмногу бодови доби триото девојчиња „Евридика“ од НБУ, кои пееја „Цфнало цвеќе шарено“, второ место освои квартетот „Хит Мелоди“ кои ја претставија песната „Запил ми се Стојан у меана“ и на трето место дуото „Назар и Нино“ од Грузија со песната „Харало“.

Фестивалот се емитува преку сателитска или кабелна телевизија и може да биде гледан, како во Македонија, така и во соседните држави. За таа цел имаше водители кои говореа на бугарски, македонски и на српски јазик. Ако оваа година пропуштивте, не заборавајте да бидете дел од незаборавното патешествие на „Пирин фолк“ следната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top