| четврток, 6 декември 2018 |

„Лешочки фолк-фест 2014“ подготвен да почне

Реномираниот фестивал на новосоздадена македонска народна песна „Лешочки фолк-фест“ и оваа година со ново издание за љубителите на македонскиот фолк-мелос.

На 27 август, среда, со почеток од 20.30 часот, многуилјадната публика во манастирскиот комплекс „Св. Атанасиј“ и „Пресвета Богородица“ во Лешок, местото каде што секоја година се одржува фестивалот, ќе чуе 22 нови рефрени создадени од најеминентните македонски композитори, текстописци и аранжери и испеани од најзвучните фолк-имиња на естрадната сцена.

Сузана Спасовска придружувана од Зоран Џорлев со песна ќе го овековечи „Непроштено“ додека доајенот на македонската песна Виолета Томовска ќе го донесе „Светот на младите“. Наум Петрески ќе ја опее „Бела Анѓа“, а Мишко Талески во препознатливиот родољубив дух ќе пее за апостолите во темата „Загрме од планините“. Нино Величковски ќе побара „Прошка“ Ристо Краповски ќе запее „Дај Боже да остариме’ а темпераментниот Јордан Митев ќе порача „Дајте да се пие“.

Меѓу годинашните учесници се и Круме Спасовски, Спасен Силјаноски, Душко Георгиевски, Ванчо Тарабунов, Билјана и Орхидеја Бенд, Љупчо Ѓоргиев, Мирко Вретоски, Микле Симовски, Методи Богданов, Бобан Велјаноски, Вики и Прогресив Бенд, дуетот Марија Петковска и Александар Цветковски, Игор Бежановски, Мирослав Мирчески – Мики и групата Виртус.

Постхумно признание годинава ќе му биде доделено на Војо Стојаноски, кој неколкупати со своето учество ја збогати фестивалската сцена.

„Лешочки фолк-фест“ континуирано има поддршка од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (Тетовско-гостиварска епархија) и Министерството за култура на Република Македонија. Фестивалот ќе биде снимен од ТВ „Алфа“ и одложено емитуван на нејзината програма, како и од австралиската телевизија ИН.

Директори на фестивалот се Сузана Спасовска и Борче Брзанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top