Владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, од денеска ќе престојува во неколкудневна посета на Република Турција, која е значаен економски и трговски партнер на Македонија.
Во рамки на посетата е предвидено да се одржат повеќе деловни форуми на кои ќе бидат презентирани поволностите што им се нудат на странските инвеститори, а ќе бидат остварени и средби со државниот врв.
За денеска е најавен форум во индустриската област Коџаели и во градот Измит, каде што владината делегација пред турските бизнисмени ќе ги претстави поволните услови што ги нуди Македонија за водење бизнис. Деловниот форум се организира во соработка со Индустриската комора на Коџаели, кој е важен центар со развиена автомобилска индустрија каде што успешно функционираат повеќе индустриски зони.
Освен во Коџаели, премиерот Груевски и членовите на владината делегација во наредните денови ќе присуствуваат и ќе се обратат на форумите и во турските градови Ескишехир, Анкара, Адана и во Мерсин.
В среда се очекува владината делегација да оствари средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со турскиот премиер Ахмет Давитоглу.
Во составот на владината делегација се и министрите без ресор за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески и Фуркан Чако, како и заменик-директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски.
Турција е меѓу 10-те најзначајни трговски партнери на Македонија. Во 2013 година, Турција е на 9-то место, а странските директни инвестиции во последните две години изнесуваат 44 милиони евра. Турција спаѓа во групата на брзорастечки економии во Европа, со пораст на општествениот бруто-производ од четири проценти во минатата година и е една од 20-те најголеми економии во светот. Водечката улога која Турција ја има во областа на изработката на елементи од автомобилската индустрија, електронските уреди, текстилот и градежните материјали ја прават атрактивна дестинација од која може да се преземат искуства, но и во која има потенцијални бизнис партнери кои размислуваат да го прошират својот бизнис надвор од границите на Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Турски воен хеликоптер падна меѓу згради во Истанбул, загинаа четворица војници(видео)
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Турција осуди 74 лица на доживотен затвор поради вмешаност во обидот за преврат