Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Копенхаген се сретна со регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Сузана Јакаб.
– Импресионирана сум од големиот број иницијативи и активности кои ги презема министерот Тодоров особено во врска со развојот на националната стратегија за здравје 2020 во согласност со стратегијата на СЗО „Здравје до 2020 година“, напредокот во областа на животната средина и здравјето и во областа на јавното здравје. Сите овие иницијативи ја имаат поддршката од СЗО, изјави Јакаб по средбата.
Посочи дека со Тодоров разговарале за претседавањето на Македонија, и нејзиното лидерство со здравствената мрежа на Југоисточна Европа. Министерот Тодоров особена поддршка, нагласи Јакаб, има за иницијативноста и лидерството во неколку прашања во врска со оваа регионална соработка, а тоа се зајакнување на политиките за јавно здравје во Европа, развојот на човечките ресирси и јакнењето на здравствените системи во регионот.
– Ја прифатив поканата на министерот Тодоров да учествувам на утрешниот состанок во Копенхаген на министрите за здравство на државите-членки на здравствената мрежа на Југоисточна Европа, но исто така ја прифаќам поканата да учествувам на министерскиот состанок во организација и под водство на министерот Тодоров во Македонија, рече Јакаб.
Тодоров истакна дека на министрите ќе им предложат неколку иницијативи – првата е да се формира комитет или тим кој ќе биде секогаш во функција на помош на земјите кои се соочуваат со определени потешкотии или кризи, втората иницијатива е работа на стратегијата „Здравје 2020“, а третата е овозможување слободен регион во целата мрежа на ЈИЕ во која докторите и медицинскиот персонал ќе можат слободно да се едуцираат во рамки на зоната односно да има размена на доктори и слободно движење во поглед на едукација и тренинг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


