Израел воведе две автобуски линии на патот долж Западниот Брег кои може да ги користат само Палестинци. За израелската јавност ова е расизам, а за официјален Тел Авив „унапредување на услугите“.
Весникот „Хаарец“ објави дека Министерството за транспорт вовело посебни линии за палестинските работници откако еврејските доселеници се жалеле дека Палестинците во мешаните автобуси претставуваат „безбедносен ризик“.
„Воведувањето посебни линии за Палестинците и за Евреите е расизам. Тоа не се оправдува со никакви тврдења за безбедносен ризик или метеж“, велат од здруженијата за човекови права.
Министерството тврди дека двете линии значат унапредување на услугите за превоз на Палестинците кон Израел, а и ќе се искоренат дивите превозници. Упорно одрекува дека станува збор за сегрегација.
„Ние не сме овластени да забрануваме користење јавен превоз“, додаваат од таму.
Сепак, здруженијата за човекови права стравуваат дека на контролните пунктови полицијата ќе ги трга Палестинците од редовните автобуси и ќе ги упатува во оние што се наменети за нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.