Репрезентацијата на Србија ќе игра во финалето на Светското првенство против селекцијата на САД по победата вечерва над Франција во драматичен меч. Србите водеа со убедливи дваесетина разлика во текот на полуфиналето, но на крајот стравуваа за победата што изгледаше веќе прокнижена по само 20 минути игра. Мечот заврши со резултат 90-85 за популарните „орли“, а трилер завршницата ја најавија „триколорите“ со рафална стрелба во последниот период од играта. Никола Батум погоди невериојатни 8 тројки од 12 обиди, Французите дадоа дури 9 тројки во последните 10 минути, но сепак Србија ќе игра во финалето со дрим-тимот на САД.
Избраниците на Александар Ѓорѓевиќ беа одлични и на овој меч, а ги предводеше Теодосиќ со брилијантна игра и 24 поени. Бекот на Србија шутираше вкупно 12 пати и погоди 9 удари. Богдан Богдановиќ постигна 13 поени, а по 11 имаа Крстиќ, Марковиќ и Радуљица.
Кај поразениот состав феноменална партија баскет прикажа Батрум со 35 поени. Диа уфрли 13, Уертел 12, а Фурние 10 поени, но Французите доцна тргнаа по победата, откако играа бледо во првите три четвртини. Последната ја добија со 39-29 за нивна жал без ефект. Противник во малото финале за бронзен медал ќе им биде селекцијата на Литванија. Тој меч се игра денеска од 18 часот, а финалето меѓу Србија и САД е закажано за утре со почеток од 21 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.