| четврток, 6 декември 2018 |

Попов: Отсекогаш сакав да направам филм за македонскиот комита

„До балчак“ треба да покаже поинаков капацитет и можност на македонската кинематографија. По својот обем и продукциски зафат е, навистина, голем и личи на амбициозните филмови со кои би се пофалиле и поголеми кинематографии од македонската

Долгоочекуваниот и, можеби, најскап македонски филм „До балчак“ на Столе Попов премиерно, во Македонија ќе се прикаже на вториот ден од Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, кој во Битола се одржува од 13 до 19 септември. Претходно, филмот беше прикажан на маркетот на Канскиот филмски фестивал на 20 мај. Режисерот Попов најави дека премиерата во Скопје ќе биде во октомври, кога се очекува да дојде и сценаристот Горан Стефановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Инти Шрај, Сашко Коцев и Мартин Јордановски. Играат и Тони Михајловски, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Никола Ристановски и други. Државата го поддржа филмот со околу 3,5 милиони евра, 2,5 милиони евра ги одобри Владата, а вкупно половина милион евра – Филмскиот фонд. „До балчак“ беше одобрен во програмата од 2008 година, а сценариото е на нашиот познат драматург Горан Стефановски.

Film105-3

На „Браќа Манаки“ ќе присуствува актерската екипа предводена од Словенката Шрај, како и дел од екипата што работеше на филмот.

– Задоволен сум што на крајот, по толку години добив можност да го снимам филмот. Мислам дека поминаа 25 години откако со Стефановски ја почнавме оваа одисеја околу пишување на сценариото. Во овие 25 години имаше два-три неуспешни обиди некако да го спакуваме филмот, но немаше слух за такво нешто. Овој пат, оваа Влада и Министерството за култура имаа храброст да го поддржат филмот. Деновиве имам интензивна комуникација со Стефановски, по електронска пошта. На мое изненадување, тој ми прати фотографии стари повеќе од 25 години, направени во Штавица, Мариовско, кога уште тогаш баравме локации за филмот. Тогаш мислевме дека правиме нешто оригинално, интересно и актуелно. Денес, од оваа дистанца, мислам дека филмот се чини многу поактуелно. Отсекогаш судбината на малите народи била иста, во однос на империите. Отсекогаш тие ја барале, односно го имале во себе тоа исконско чувство за слободата. Се будат малите нации што сакаат да имаат слобода. И, конечно, таа идеја стара 25 години се реализира. Отсекогаш сум сакал да направам филм за македонски комита и ете, тоа ми се оствари – вели режисерот Попов.

Film105-2

„До балчак“ треба да покаже поинаков капацитет и можност на македонската кинематографија. По својот обем и продукциски зафат е навистина голем и личи на амбициозните филмови со кои би се пофалиле и поголеми кинематографии од македонската.

Филмот на Попов трае два часа и 40 минути.

– Овој филм за нас е многу значаен и посебно ми е драго што премиерата ја има токму на Меѓународниот фестивал „Браќа Манаки“. Среќен сум што македонската публика има можност да го доживее и да го оцени филмот – вели Попов.

Според него, ако се работи сериозно и посветено, продукциски, и во Македонија работите може да бидат издигнати на високо ниво.

– Тоа е добра шанса за македонската кинематографија – смета еден од најзначајните македонски филмски режисери. Негови се филмовите „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“, а за филмот „ДАЕ“ во 1979 година доби и номинација за „Оскар“.

 

Film105-4

Македонска премиера на „Деца на сонцето“

Македонскиот филм „Деца на сонцето“ во режија на Антонио Митриќески, исто така, својата македонска премиера ќе ја има на „Браќа Манаки“ и ќе ја има честа да го затвори фестивалот. Претходно, беше објавено дека светската премиера овој филм ќе ја има во Лондон, на фестивалот „Реинденс“ што се одржува од 24 септември до 5 октомври. Филмот ќе биде прикажан на 25 септември во рамките на официјалната програма и со тоа го здобива правото да се бори за главната награда на фестивалот.

Во филмот играат: Ирена Павлаковиќ, Кире Ѓоревски, Мето Јовановски, Владо Јовановски, Милица Стојанова, Билјана Танески, Данчо Чевревски, Александар Микиќ, Камка Тоциновски… Филмот е работен според сценариото на Гордан Михиќ, а го монтираше култниот Андрија Зафрановиќ. Продуцент е Дејан Милошевски.

– Ова е филм правен со многу љубов и позитивна енергија, која екипата безрезервно ја даваше. Мислам дека тоа се чувстува во секоја сцена од филмот. Настојувавме да допреме до вистината и до внатрешните немири на ликовите. Веруваме дека филмот ќе допре до публиката и до критиката. Тој носи верба и надеж – вели Митриќески.

 

manaki1

Вкупно 76 филма годинава на „Браќа Манаки“

Годинава, на 35. издание на Фестивалот „Браќа Манаки“, на осум програмски категории ќе се прикажат 76 исклучителни филмови, од кои 20 се македонски проекти или филмски копродукции во кои учествува и Република Македонија.

– Повторно носиме легендарен директор на фотографија и еден негов помлад колега, кој сигурно чекори кон легендите. Повторно носиме врвни филмски ѕвезди, повторно најдобрите македонски филмски продукти стапнуваат на платформата „Манаки“. Повторно нашите филмаџии, нашите студенти и филмофили ќе се дружат, учат, разменуваат искуства и ќе остваруваат контакти со врвни филмски професионалци од светот – вели директорката на Фестивалот, Лабина Митевска.

Годинава во изедначена трка во главната програма се најдоа 11 наградувани филма, натпреварувачката програма на краток филм опфаќа девет, „Новите визии“ носат пет авангардни наслови, исто толку и „Вип детската програма“, во документарната селекција гледачите ќе имаат можност да видат девет автентични тематики, 11 филмови се поместени во рамки на македонската панорама, а 15 краткометражни филмови се предвидени во некомпетитивната програма „Кратко-слатко“ на Европската филмска академија. Од специјалните проекции, освен најавените филмови во чест на добитниците на наградите – „Големата убавина“ (Лука Бигаци) и „Читачот“ (Крис Менџис), ќе биде прикажана романско-македонската копродукција „Не сум славен, но сум Влав“, првиот филм целосно снимен на аромански (влашки) јазик.

Во главната програма има филмови од четири континенти, четири филмови што однеле награди од Берлин (освојувачот на „Златната мечка“, лауреатот на наградата за фотографија), тројца наградени од Кан, „позлатени“ и номинирани филмови од Карлови Вари, Сиднеј, Торонто, Венеција…

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 106. број на неделникот „Република“, 5.09.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top