
Заврши електронското гласање на кое граѓаните можеа да изберат најдобро идејно решение за уредување на плажата на Охридско Езеро, во близина на охридскиот аеродром.
Министерството за транспорт и за врски денеска информираше дека од вкупно пристигнатите пет идејни решенија, најмногу гласови има добиено третиот проект, односно 56 проценти од вкупно 3.072 гласа, по што следуваат првото идејно решение за кое гласале 21 процент од вкупниот број на гласови, второто решение со 14 проценти, четвртото со 7 проценти и петтото со три проценти од гласовите.

Во следниот период, ресорното Министерство ќе донесе решение за доделување на награда, како и за исплата на трошоци за останатите идејни решенија.
Предвидено е плажата да се изгради според највисоките туристички стандарди, без да се наруши еко-интегритетот на околината.

На плажата предвидено е да има песочна површина, да се заштити постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, како и да се уреди со клупи, фонтани за вода за пиење и со пешачки патеки од монтажно–демонтажни материјали. Треба да има и шанк со кабина за музика, санитарен јазол, тушеви, гардероби остава за чадори, лежалки и други реквизити, а треба да биде обележан и просторот за капење во езерото. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


