Нова патна инфраструктура, гасификација, нови и реновинари училишта и градинки, развивање на туризмот и создавање услови за живот во селата, се приоритети на источниот регион за наредните пет години, кои ќе бидат и нотирани во новата стратегија.
Директорката на Центарот за развој на источнопланскиот регион, Драгица Здравева, информира дека претставиници на 11-те општини од денеска почнуваат да ја прават новата Стратегија за развој на источниот регион.
– Ќе се работат и проекти за развој на руралните средини во овој регион, исто така и на развој на туризмот. Досегашните приоритетни проекти ги реализиравме благодарение на средствата од Владата, од Програмите за меѓугранична соработка и од донации – истакна Здравева.
Штипскиот градоначалник, Илчо Захариев пред учесниците на денешниот работен состанок истакна дека истокот има многу приоритети, а најзначајни се патиштата, гасификацијата и запирање на иселувањето од руралните подрачја.
Сепак, според него и останатите претставници од локалните власти, во моментов најзначајно е што веќе се реализира автопатот Миладиновци-Штип, кој ќе донесе дополнителен развој на овој регион.
Во текот на изминатите пет години, статистиката вели дека во овој регион има развој, односно пораст на домашниот бруто-производ од околу 35 проценти, кој е над државниот просек.
Според Денис Жерновски, проект-менаџер на Стратегијата за развој на Источно планскиот регион, ова се должи и на неколкуте странски инвестиции, но и на земјоделието. Новата петгодишна стратегија за регионот треба да биде готова до крајот на годината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.