Албанскиот премиер Еди Рама на покана на премиерот Ли Кечијанг e во посета на Кина, a според кинеската агенција Синхуа една од темите на разговор меѓу премиерите бил и албанскиот проект да изградат автопат кој ќе ја поврзе Албанија со Македонија.
– Кина и Албанија ќе работат заедно на големи проекти, особено промовирајќи ја изградбата на автопат кој ќе ги поврзе Албанија и Македонија- изјави Ли.
Кабинетот на албанскиот премиер најави дека за време на посетата Рама ќе потпише договор за развој на пристанитето Шенѓин за следните 25 години.
На почетокот на 2014 година делегација на кинеското Министерство за трговија, задолжена за Европа, го посети пристаништето, кое со својата длабочина е поволно за прием на големи товарни бродови, за да се запознае со можностите за конкретни инвестиции.
Проектот предвидува да се изгради еден километар од пристаништето со капацитет од 60 милиони тони стока и прикотвување на бродови до 500 илјади тони. Албанија се надева дека од Шенѓин ќе направи пристаниште кое ќе го опслужува целиот балкански регион. Инвестицијата за овој проект се проценува на околу 2,2 милијарди евра. Претходната Влада на премиерот Сали Бериша во неколку наврати ова пристаниште на Јадранско Море ветуваше дека ќе му го отстапи на Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.