| четврток, 6 декември 2018 |

Паника над Јадранот: Пилотот со плачење ни рече – за шест минути ќе паднеме во морето

130404-CDP-Europe-Airpost-Resultats-2012-B737-300-QC-695x496Во авионот на француската компанија Јуроп Ерпост на чартер летот од Сплит до Нант настанала голема паника откако пилотот им соопштил на патниците дека еден од моторите откажал и дека наскоро ќе паднат во Јадранското море.

Според британскиот Дејли Меил, патниците од Боингот 737 тврдат дека пилотот со плачлив глас им рекол дека имаат уште шест минути до падот на авионот и им наредил на стават заштитни појаси.

Туристот Бенјамин Жерард вели дека инцидентот се случил уште на 23 август и дека сите во авионот почнале да врескаат и да плачат од страв. Драмата се завршила со принудно слетување на аеродромот во Венеција, а Јуроп Ерпост денес тврди дека ситуацијата не била толку драматична.

Жерард патувал со сопругата и двете ќерки и тврди дека почнале да се случуваат невообичаени работи брзо по полетувањето. Пилотот најавил турбуленции, а набрзо потоа патниците во задниот дел од авионот почнале да зборуваат дека еден од моторите не работи. Приказната наскоро ја потврдил и пилотот.

– Рече дека ќе мораме принудно да слетаме во Венеција, а притоа се пошегува дека тоа ќе биде одлична можност за посета на градот, додава Жерард. Но патниците не биле премногу воодушевени од неговата шега, а работата дополнително тргнала наопаку откако преку разгласот им рекол да ги стават заштитните појаси и да отстранат секаков накит од себе.

– Ни рече дека ќе мора да слетаме во море и дека може да дојде до експлозија. Сите беа преплашени, дури и екипажот. Едниот стјуард го фати паника, а другиот пребледе и немо гледаше што се случува. Следниот пат кога ни се обрати пилотот плачеше. Рече дека имаме уште шест минути до падот, но дека не треба да паничиме. Луѓето во задниот дел од авионот врескаа, вели патникот.

Но, по неколку минути страв, авионот сепак успешно слетал на аеродромот во Венеција. Во авиокомпанијата признаваат дека во авионот настанала паника, но тврдат дека безбедноста на патниците не била загрозена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top