Творештвото на Силјан е објавено во Антологијата заедно со поетски дела на нобеловци и добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Со седум песни и еден ракопис од повеќегодишното книжевно творештво, поетот, есеист и книжевен критичар Раде Силјан е застапен во Антологијата на светската поезија, која неодамна беше објавена во Романија, како издание на меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова. Во Антологијата се застапени педесет и двајца познати автори од светот, меѓу кои се тројца добитници на нобеловата награда, како и добитниците на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата: Адонис, Томас Транстромер, Хусто Хорхе Падрон, Томас Шаламун и Љубомир Левчев. Изданието го приреди познатиот романски писател и литературен критичар Јон Деаконеску, во соработка со универзитетските професори Офелија Буртеа, Луциан Диндирица, Озана Лисандра и Лоредана Стан.
Антологијата ќе биде промовирана на 16 септември во Крајова, во рамките на меѓународниот поетски фестивал што го организира академијата „Михаи Еминеску“.
Раде Силјан е автор на четиринаесет стихозбирки, како и на поголем број критичко-есеистички дела и антологии на македонската поезија, драма и проза.
Добитник е на национални и меѓународни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци“,„Ацо Шопов“ , „Димитар Митрев“и „11 Октомври“ за животно дело. Годинава на меѓународниот поетски фестивал во Молдавија ја доби престижната награда „Гранд При“ за поетски опус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


