На Министерството му е доделено признанието за неговиот придонес во унапредувањето на културата и на условите за развој на туризмот во Крушево, кој оваа година ја носи и титулата град на културата во Република Македонија.
Одлуката ја донесе Советот на Општината, а наградата ѝ беше врачена на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска од страна на градоначалникот Ѓорѓи Дамчевски, на свечена седница во хотелот „Монтана“.
Министерката Канческа-Милевска истакна дека наградата е големо признание за заложбите на сите во Министерството за култура во изминатиот период за промоција на културно-историските знаменитости на Крушево и за збогатување на културната понуда на градот.
– Наградата „8 Септември“ е поттик повеќе да продолжиме со посветеност и енергија да го унапредуваме развојот на културата во сите сегменти во градот Крушево, во интерес на сите наши граѓани. Градот Крушево е ризница на македонската култура и традиција и уверена сум дека во иднина ќе ги популаризираме и афирмираме вредностите на богатото културно наследство на овој град, кој со право оваа година го носи епитетот престолнина на културата во Република Македонија. Да се зборува за Крушево, значи да се зборува за сопствената историја и култура. Крушево е град-музеј, град кој изобилува со историски зданија кои се одек на минатото и потврда за непроценливото културно наследство на нашата држава – рече Канческа-Милевска.
Таа ги спомена културните вредности на градот кои Министерството за култура посветено ги негува и инвестира во нив, како: поставките во Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република; Галеријата на Никола Мартиноски, која до крајот на годинава ќе има нов ентериер; реконструкцијата на надворешноста на востаничката леарница; споменичните обележја Слива и Мечкин Камен, како и Музејот на Тоше Проески кој беше отворен во 2011 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


