
Во Охридско Eзеро, како во криво огледало, можете да го видете своето лице, влажно и насмеано. Над вас секогаш ќе биде сјајното сонце како некоја огромна ѕвезда. Сето ова трае кратко, како и секоја љубов, но се враќа безброј пати (Иво Анриќ) – вака почнува приказната за Охрид објавена на „Б92“.
Кога ќе кажете Охрид веднаш помислувате на езерото, многубројните цркви, славните бисери и, секако, на изворите каде што некогаш, како што кажува песната, Билјана белела платно. Има бисери и денеска, како и плажи на езерото, Охрид е преполн со цркви и со манастири, но Билјана и платното останаа во легендите. Место посебните и прекрасни охридски девојки што белеле платно, таму има многу туристи и локални жители што се грижат за своето здравје. Една голтка од студената изворска вода е мелем и за душата и за телото.
Охрид се смета за еден од најубавите градови во Македонија. Заедно со езерото е на списокот на светските културни богатства и е под заштита на УНЕСКО. Сместен е на дното на Охридско Поле, под осамената варовничка карпа, која се издига високо над езерото. Токму поради позицијата на карпата го има добиено словенското име Охрид (во хрид, о хрид).
– Некому овој град може и нема да му се допадне, но нам, кои живееме во него, кои се будиме со неговите проѕирни зори, го слушаме ехото од неговите цркви, Охрид ни е најубав – изјавува еден туристички водич за „Б92“.
Бисери и молитва

Каде и да се движите во Охрид ве дочекува богато минато. Малку места имаат толку многу светост и толку трагови од минатите векови. Црквата „Света Софија“ е монументален споменик на словенската архитектура од 11 век. Туристите брзо ја забележуваат и црквата „Св. Јован Канео“, која се издига над самото езеро. Секако би требало да ја посетите црквата „Пресвета Богородица-Привлепта“, а во градот има и две мали цркви „Св. Богородица Болничка“ и „Св. Никола Болнички“. Св. Еразмо Охридски е заштитник на патниците и на морнарите, па речиси и нема возач што не се прекрстува кога поминува покрај црквата.
Чекор по чекор во Охрид, а секаде ве дочекуваат траги од бурна историја и гостопримливи луѓе. Ќе ви кажат да одите до манастирот „Свети Наум“, во кој се чуваат моштите на овој светец. Многу верници ја ставаат главата на ковчекот за да ги „избркаат“ сите болести. Во околните места има многу извори од кои, во најголем дел, е настанато Охридско Езеро. На струшката страна се наоѓа Црни Дрим.
Во старата чаршија има река туристи, врие како во кошница. Кафулиња, занаетчиски работилници, слаткарници со разновидни колачиња, ресторани со национална кујна. И, секако, познатиот бисер. Многумина го продаваат, дури и часовничарите, но само две продавници го имаат „рецептот“ на изработка. Тие ја чуваат тајната како од лушпите од рибата плашица, која се лови од езерото, се подготвува емулзија со која се премачкуваат материјалите обликувани во разни големини. Вистинските бисери не се многу евтини, но затоа траат со години.
Чудо на природата, бисер на туризмот, оаза на здравјето, убавината и на уживањето. Тоа е Охридско Езеро, едно од најголемите и најдлабоките. Во неговиот слив припаѓаат 40 реки. Бојата на водата се менува од изгревот до залезот на сонцето. Кога денот е сончев проѕирноста на езерската вода достигнува дури до 22 метри. Нема некој што не прашува за охридската пастрмка. Некогаш ја имало во изобилство, но поради неконтролираниот лов, следувала забрана. Забрана за риболов има на македонска страна, но не и на албанска, па сега се шверцува од таму. Во некои приватни ресторани, особено на „Свети Наум“, можете да ја нарачате, но барајте да ви ја подготват на охридски начин, со зачини и црвено вино.
Куќи над езерото
Има многу трагови на античката цивилизација во Охрид. Во подводните истражувања на Езерото пронајдена е керамика од бронзена доба и остатоци од некогашните дрвени куќи.
Миков град е реконструиран и се наоѓа на патот за „Свети Наум“, веднаш по Пештани. Утврдено е дека, пред многу векови, куќите биле од кал и од гранки. Некои се облепени со кал и со сува трева, а покривите се покриени со трска, која ја има во изобилство во езерото.

Во старата чаршија има автентични куќи, необична градба и архитектура. Во срцето на градот, во самиот центар е дрвото чинар. Расте веќе 10 векови и е заштитен знак на градот.
Во охридските ресторани ќе ви понудат домашни специјалитети, но ве советуваме да одите до Билјанини Извори и до Самуиловата тврдина. Во лето не пропуштајте ја манифестацијата „Охридско лето“, многу музика, театарски претстави, разни уметнички настани. Во црквата „Св. Софија“ една вечер е посветена на добитникот на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Погледнете го античкиот театар, а сигурно ќе поминете покрај споменикот Св. Кирил и Методиј.
Охрид отсекогаш бил уникатен, некако срамежлив, убав и скромен. Секогаш гостопримлив.
Уживање на плажа
Охрид има голем број на плажи на кои гостите, но и локалните жители уживаат од рана пролет до доцна есен, Куба Либра, Градиште, Љубаништа, Трпејца, Пештани, Лагадин, Свети Стефан… Градот има многу хотели и доволно места за приватно сместување.
Легендата за дедо Чун
Како настанале Билјанини Извори? Според легендата, во замок над езерото живеела самовилата Езерка, која владеела со езерото и ги вознемирувала рибарите. Ги превратувала кајчињата и ги враќала рибите во езерото. Еден ден ја грабнала убавата мома Билјана, внука на дедо Чун. Девојката цела ноќ плачела и од нејзините солзи се создадени изворите. Дедо Чун направил кајче, кој самовилата Езерка не можела да го преврти и ја спасил внуката. Големиот кајак, чијашто форма е единствена во светот, го носи името дедо Чун, па кај Билјанини Извори е поставено едно такво кајче што ја краси околината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


