| четврток, 6 декември 2018 |

Протести против корупцијата и сиромаштијата во Бугарија

Десетици илјади луѓе протестираа поради сиромаштијата и корупцијата во Бугарија. Бараат измена на законот со кој ќе им биде овозможено учество на обичните граѓани во политиката. Тие се излезени на улиците во Софија, Бургас, Пловдив, Благоевград, Русе и Сливен на денешниот национален празник. Засега нема извештаи за евентуално насилство во текот на денешните протести.

Најголемиот митинг собра речиси 50.000 луѓе во црноморскиот град Варна. Над 7.000 граѓани учествуваа во протестот во Софија, издигнувајќи транспаренти „Мафијашите – во затвор!“.

Демонстрациите во Софија и во другите поголеми градови почнаа пред речиси 20 дена, и во неколку наврати прераснаа во немири, во кои се повредени повеќе десетици лица. Протестите поради високите цени на струјата и сиромаштијата и корупцијата го принудија бугарскиот премиер Бојко Борисов да поднесе оставка, а вонредните избори се закажани за 12 мај.

Анкетите покажуваат дека ниту десничарската партија ГЕРБ на премиерот во оставка Бојко Борисов, ниту опозициската социјалистичка партија имаат доволна поддршка за да обезбедат парламентарно мнозинство, така што која и да е формација која ќе победи на изборите, таа ќе треба да влезе во коалиција, за да состави влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top