
Десетици жени јазиди, заробени во Ирак од џихадистите од „Исламска држава“, биле принудени да го прифатат исламот, по што биле продавани за 1.000 долари на џихадисти во Сирија, кои се женеле за нив против нивната волја, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на сирискиот Центар за мониторинг на човековите права.
Јазидите се мала етничка група која живее во северен Ирак, а која стана главна цел на ИД.
Истовремено, борците на ИД се заканија дека ќе обезглават 19 либански војници, кои ги држат во заробеништво, пренесе ИТАР-ТАСС.
На почетокот на август борци на ИД од Сирија упаднаа во соседен Либан и неколку дена водеа борби со либанските војници во граничниот град Арсал. На крајот либанските сили успеаја да ги избркаат џихадистите, но при нивното отстапување тие успеаја да заробат 30 либански војници и полицајци.
Сега џихадистите се закануваат дека ќе обезглават дел од либанските заробеници, доколку од либански затвор не биде ослободена група исламисти.
Џихадистите веќе емитуваа две заканувачки видеа. На едното од нив се гледа обезглавување на либански војник, но либанските власти не можат да ја потврдат неговата автентичност. На втората снимка заробениците инсистираат либанската Влада да го исполни барањето на џихадистите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


