| четврток, 6 декември 2018 |

Писмото на дедото што го освои светот

Писателот и поет Џејмс К.Фланаган од Њујорк, на своите внуци има оставил писмо со совети врз основа на своето долгогодишно животно искуство.

Откако починал, писмото било објавено со дозвола од неговата ќерка.

Откако бил објавено, писмото го воодушевило целиот свет…

„Драги Рајан, Конор, Брендон, Чарли и Мери Кетрин,

Мојата драга и мудра ќерка Рејчел бараше од мене да запишам неколку совети за вас, за работите кои сум ги научил во животот.

Го почнувам ова писмо на 8 април 2012, точно на мојот 72 роденден.

1 . Секој од вас е најубавиот подарок од Бог за вашето семејство и за целиот свет. Сетете се на тоа секогаш кога се сомневате во себеси и кога сте обесхрабрени.

2. Не се плашете од никого и од ништо и живејте со полни гради. Следете ги вашите желби и надежи без оглед на тоа колку се тешки и колку се разликуваат од туѓите. Луѓето често не го прават тоа што го сакаат или што треба да го прават, затоа што постојано размислуваат што ќе кажат другите. И запомнете уште една важна работа: Луѓето кои не ви носат супат кога сте болни или ако не се покрај вас кога сте во неволја, не се важни!

3. Сите сме сосема обични луѓе. Некои носат прескапа облека, имаат големи титули или моќ и мислат дека се над сите останати, но тие не се толку моќни колку што изгледаат. Тие ги имаат истите сомнежи, стравови и надежи, јадат, пијат, спијат, како и секој нормален човек!

4. Кога ќе пораснете и кога ќе добиете деца, секогаш имајте ја на ум старата ирска поговорка: Фалете ги децата и тие ќе цветаат!

5. Бидете добри и секогаш помагајте им на луѓето – особено на послабите, на оние кои се уплашени и на децата. Сите тие носат некоја своја тага и потребно им е вашето сочувство.

6. Немојте да се вклучувате во армија или која било друга организација која ве тренира да убивате. Војната е зло. Сите војни ги започнале стари луѓе кои измамиле млади мажи да мразат и убиваат други млади луѓе. Старците преживуваат и како што и ја започнале војната, така и ќе ја завршат – со пенкало и лист.

7. Секогаш читајте книги. Тие се прекрасен извор на уживање, мудрост и инспирација.

8. Секогаш бидете искрени.

9. Патувајте секогаш кога сте во можност, особено додека сте млади. Не чекајте да имате доволно пари или да ви се поклопат сите коцки. Тоа никогаш, ама баш никогаш не се случува.

10. Одберете работа која ќе ја сакате. Секако дека ќе има и тешки моменти, но работата мора да ви биде уживање.

11. Немојте да викате. Тоа никогаш не успева, а ве повредува и вас и другите. Секојпат кога сум се дерел, сум доживувал неуспех.

12. Секогаш исполнувајте ги ветувањата кои сте им ги дале на децата. Не велете: „Ќе видиме“ ако знаете дека одговорот е „Не“. Децата ја очекуваат вистината, дајте им ја со љубов и добрина.

13. Ако не го мислите тоа, никогаш немојте некому да кажувате дека го сакате.

14. Живејте во хармонија со природата: Излезете надвор, прошетајте во шума, на планина, отидете на море или во пустина. Тоа е многу важно за душата.

15. Прегрнувајте ги луѓето што ги сакате. Кажете им сега колку ви значат, не чекајте да биде предоцна.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top