| четврток, 6 декември 2018 |

Ердоган официјално стана претседател на Турција

ФОТО: ЕПА

ФОТО: ЕПА

Реџеп Таип Ердоган денеска и официјално ја презеде функцијата претседател на Турција, на церемонијата на инаугурација во турскиот Парламент.

– Согласно моите претседателски овластувања, се колнам во својата чест и углед пред големата турска нација и пред историјата дека ќе го штитат постоењето и независноста на државата, рече Ердоган.

Тој стапи на должност на специјална седница на Парламентот, а неговата заклетва беше проследена со громогласен аплауз. Ердоган положи заклетва како првиот претседател на Турција, кој е избран на директни избори. Оваа функција му овозможува уште пет години поминати на власт.

Членовите на главната опозициска сила, Народнорепубликанската партија ја напуштија седницата во знак на протест против изборот на Ердоган, кого го обвинуваат за кршење на Уставот.

Ердоган беше избран со околу 52 отсто од гласовите на првите директни претседателски избори во историјата на републиката, кои се одржаа на 10 август. Резултатите од претседателските избори беа објавени денеска во Службен весник, 13 дена по нивното објавување од Високата изборна комисија.

Функцијата претседател во Турција е повеќе церемонијална, но Ердоган претходно најави дека ќе користи и овластувања што претседателите претходно не ги користеле. Тој не ги крие амбициите за воведување претседателски систем во земјата.

На церемонијата присустуваа неколкумина шефови на држави, но САД испратија само претставник на нивната Амбасада, а исто така своето присуство не го најави ниту еден лидер од Западна Европа.

Според аналитичарите тоа е можеби знак за затегнување на односите меѓу Турција и Западот изминатите години, додека Ердоган беше премиер.

Се очекува подоцна денеска Ердоган да му го врачи мандатот за составување на нова влада на досегашниот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу.

Давутоглу вчера беше избран за лидер на владејачката Партија на правдата и развојот на вонреден партиски конгрес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top