Да претпоставиме дека американските сили на редот им дозволуваат на медиумските екипи да бидат каде сакаат и да известуваат како сакаат. Дали покажувањето на анархијата, која десетина дена владее по улиците на Фергусон, малата американска приградска населба во сојузната држава Мисури, нема да предизвика домино-ефект за „код на однесување“ низ целата држава? Дали, можеби, доколку му се случи нешто на некој од новинарските екипи, повторно одговорноста нема да падне врз грбот на униформираните? Дали, можеби, асоцијациите на новинари и медиумите не се чувствуваат над законот?
Дел од западните медиуми, известувајќи за настаните во Фергусон, беа подложени на, како велат, притисок од полицијата, спреченост во завршувањето на професионалната задача, па дел од нив дури и завршија приведени во полициски комбиња. Сето тоа ја надополни „црната“ слика за полицијата во градот каде што експлодира анархичното дивеење низ улиците поради полициско убиство на Афроамериканец. Без да се навлегува во осуда или оправдување на причините, секако дека никој нема да се согласи дека дивеењето и самоволието низ улиците не е и не би требало да биде одговор и реакција на болка и на сочувство.
Како и да е, да се вратиме на темната страна на новинарството. Борбата за поексклузивни снимки, детали и информации е далеку над правилата за игра на терен, каде што владеат специјални, да не речеме воени, услови. Ако на тоа се додадат и репортерската суета и нерв, може да се најде причината (но не и целосно оправдување) за случувањата за кои сведочат фотографии и снимки од Фергусон како полицијата со солзавец ја брка екипата на „Ал Џазира“, како дури и со закана со оружје му заповеда на снимател да го напушти местото од каде што „имал најдобар поглед“, па и да приведе дел од репортерите што не ги почитуваат „црвените линии“. Фергусон не е на блискоисточен терен, тоа не е Авганистан или Египет, каде што различни терористички групи би добиле дополнителна негативна конотација и злосторство плус причина поради која би се барало нивно истребување. Не, во американскиот Фергусон доколку настрада репортер, виновни ќе бидат – американските безбедносни сили.
Фергусон во очите на медиумите
Немирите во градот Фергусон го потврдуваат постоењето длабоки проблеми со почитувањето на човековите права во американското општество, се наведува во изјавата на руското Министерство за надворешни работи, од делот задолжен за човекови права, демократија и владеењето на правото.
„Веќе десетти ден продолжуваат масовните протести на кои има масовна употреба на сила за растерување на демонстрантите, испраќање единици на Националната гарда и воведување полициски час, и сето тоа во голем степен претставува повторување на расните катаклизми, кои досега се случувале во минатото во САД“, нагласи рускиот омбудсман.
Ваквата реакција од Москва кон случувањата во Фергусон не е за изненадување. Не само поради традиционално студените, на моменти затоплувани, односи меѓу двете суперсили, туку и поради пристапот со којшто САД го наметнуваат своето мислење за случувањата низ светот на глобалната јавност. Со осуда (и секако искористување на ситуацијата во Фергусон) се јавија и Иран, Египет, Кина. Како појдовна основа го земаат ставот на „Амнести интернешнел“ дека Соединетите Американски Држави мора да го решат кршењето на човековите права дома пред да држат лекции низ светот.
Се „проголта“ приказната дека додека, за жал, светот е сведок на сурови обезглавувања на репортери во земјите каде што предолго во сила влегува демократијата, на новинарите им се забранува да известуваат од Фергусон. Дека во моментов како најголем извор на вести од САД изостануваат звучни новинарски имиња, експерти за кризни состојби, како на пример Кристијана Аманпур. Тие се зафатени и резервирани за демонстрациите во Каиро, Киев или на плоштадот Таксим во Истанбул. Се додава дека нивните колеги во Фергусон, каде што состојбата се згустува откако за време на протестите полицијата застрела втора жртва, се под голем притисок од полицајците, кои и не го кријат насилството врз новинарските екипи од јавноста.
„Амнести интернешнел“ ја става под знак прашалник идејата за слободата на медиумите. Организацијата за слобода на печатот, која најмногу е фокусирана на „злоупотребувањата“ низ светот, ја осуди американската полиција нарекувајќи ги нејзините однесувања како „незамисливи и непотребни“. Дел од американската јавност, научена и изградена за светоста и новинарство над секој систем, прави паралели меѓу Фергусон и насилството врз новинарите низ светот. Се додава дека споредбата е вознемирувачка, дури и за оние скорашни случаи за земји за кои се тврди дека се деспотски и непријателски кон новинарството. На пример, со запирањето на странскиот репортер да си ја заврши работата во источниот дел на Украина. Потоа на случајот со осудените новинари на „Ал Џазира“ – меѓу кои и Австралиец и Канаѓанец – во Египет поради „известување со лажни информации“ во врска со Муслиманското братство. Секако, и со Иран, каде што безбедносни сили ги уапсија шефот на бирото на „Вашингтон пост“ во Техеран, неговата сопруга и две други лица.
Медиумски Павлов ефект
Всушност, страста оди до таму што Фергусон стана синоним за контрола на медиумите во САД. За пример се посочува дека никогаш не е прикажана снимка од враќањето на загинатите војници во лимени сандаци од воените мисии низ светот. Ниту, пак, некоја киносала прифати да ги стави на репертоар документарните филмови на познатите новинарски имиња, како Мајкл Мур, кои ја критикуваат новата лулка на демократија – Соединетите Американски Држави.
Сепак, јавноста е научена од удобноста на фотелјата преку сè поголемите ТВ екрани во живо да ги доловува сите елементи на демонстрациите, протестите, да ги почувствува во 3Д сите дела на анархичните однесувања на масата. Било тоа да е центарот на Киев и куршумите кои летаа на сите страни или, пак, турскиот Таксим каде што се пренесуваше насилството во маглата од димните бомби, или пак… примерите се безбројни.
Таа генерација, која сега е најголемиот консумент на светските вести, всушност, беше и генерацијата за која токму американските медиуми го почнаа проектот со пренесување војна во живо. Американската интервенција за ослободување на Кувајт по нејзиното анектирање на Садам Хусеин беше проект кој во целост, како на филмско платно, ги следеше и авионите кои ги бомбардираа ирачките стратешки цели, потоа истоварувањето и напредувањето на тенковските и пешадиските единици. Од тогаш глобалните мрежи за вести навлегуваат во порите на сите, дури и во оние минорни обиди за смена на системот, кој по дефиниција беше далеку од западното разбирање на демократијата и на човековите права.
И тука во балканските војни бевме сведоци на моќта на информациите и до каде се оди во нарушување на овластувањата дадени од одбраната на загрозените системи. Во Македонија, пак, бевме сведоци на потполно менување на медиумските извештаи и на можностите за шпекулации. Додека домашните телевизии сѐ уште беа на техничко ниво од 70-тите години на минатиот век, глобалните информативни мрежи запоседнаа хотел во Скопје од чијшто покрив во живо се вклучуваа од – Тетово!? Заобиколувајќи го, да признаеме, тогаш збунетиот систем што се однесува до информирање во вонредни околности, секој објавуваше што сака, како сака и од каде сака.
Секако, воспоставувањето правила предизвикува чувство на стега и репресивност од власта врз медиумите, повикувајќи се во слободниот западен дух. Токму затоа, Фергусон, всушност, е лекција и за американската јавност и за новинарството во целина, дека ниту новинарските обуки за заштита во специјални услови ниту, пак, правото на јавноста да знае (како што редовно се покрива новинарската анархија) не се над системот за заштита на многу пошироката слика на демократијата, редот и мирот. И човековите права, се разбира, било во САД, во Македонија или на друго место.
Пишува: Наум Стоилковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.