
Економијата во земјава, но и европската, полека се стабилизира. Тоа најдобро го докажува и покажува градежниот сектор, кој во периодов е во експанзија. Во државава на големо се гради, а не изостануваат ни договори за работа во странство, на просторот на бившите југословенски држави и на европскиот пазар. Последните статистички податоци покажуваат дека македонскитеградежници во првите шест месеци од годинава склучиле договори тешки речиси 100 милиони евра, а изградиле објекти вредни 10 милиони евра, со што оствариле раст од 27,7 отсто,односно 41,8 отсто во однос на истиот период лани. Најголем дел од договорите и средствата што треба да се инкасираат се од Босна и Херцеговина, и тоа дури 90 милиони евра, а одат на адреса на градежната компанија „Гранит“,која е вклучена во проширувањето на тамошната мрежа на автопатишта. Нашите градежници повеќе работа, во однос на порано, договориле и во Италија, Швајцарија и во Холандија. Овој сектор со раст од 13,7 отсто во периодот јануари – март имаше инајголем удел во растот на домашниот бруто-производ на земјава, кој во првиот квартал достигна 3,9 отсто.
Градежниците се оптимисти за развојот на нивниот сектор. Сметаатдека економската криза дефинитивно заврши, а градежниот сектор беше и остана двигател на економскиот раст на земјава. Според нив, изградбата на новите автопатишта, вложувањата во железницата и во енергетиката даваат резултати. Тие очекуваат трендот да продолжи.
– Градежниот сектор ќе биде двигател на македонската економија, а со тоа ќе заживеат и останатите сектори што се поврзани со него. Зголемувањето на побарувачката во градежниот сектор значи стабилизирање на економијата во европските држави кои почнуваат посериозни инвестиции во инфраструктурата. Освен во Европа, градежниот сектор ги зајакна своите позиции на домашниот пазар, каде што се во тек и помали, но и пообемни градежни зафати во инфраструктурата. Големите инвестициски проекти и фокусот на власта за инвестирање во инфраструктурата придонесоа за зајакнување на градежните компании и за прераснување на средните компании во големи, кои стануваат сѐ поконкурентни и добиваат можност да работат на проекти и надвор од земјава. Се очекува градежниот сектор да остане локомотива на македонската економија и на растот на БДП. Со оглед на тоа дека власта предвидува зголемување на капиталните инвестиции за над 20 проценти, сметаме дека и во наредните пет до десет години ќе имаме активности во овој сектор -вели Сеад Кочан, претседател на Комората за градежништво при ССК.

Од Стопанската комора на Македонија, исто така, го нагласуваат позитивниот ефект на градежништвото врз македонската економија.
– Во последните неколку години во градежништвото има тренд на зголемување на активностите, што можеме да ги искажеме, пред сѐ, со учеството на БДП на градежништвото од 5,6 отсто во 2010 година, околу 6,8 отсто во 2012 година, а сигурно, со податоците штодополнително треба да се објават, ова учество за 2013 година може да достигне и до 7 отсто. Ангажирањето на градежните компании на домашниот пазар во изградба на објекти, и од високоградбата и од нискоградбата,минатата година имаше пораст од околу 45 отсто споредено со претходната година, којпродолжува и оваа година, при што за првата половина од оваа година е забележан пораст од околу 15 отсто. Или во бројки,минатата година се извршени градежни работи од околу 32 милијарди денари, а во 2014 година досега се извршени работи во вредност околу 10 милијарди денари – велат од Стопанската комора на Македонија.
Според Комората, на странските пазари продолжува трендот на зголемување на ангажирањето на македонските компании во првата половина на оваа година, како во договорените градежни работи за 27,7 отсто, така и во извршените работи за 41,8 отсто.
– Во 2013 година беа извршени градежни работи во вредност од околу 43 милиони долари, а за шесте месеци од оваа година 14 милиони долари. Само во Босна и Херцеговина, од договорените 135 милиони долари, се извршени градежни работи во вредност од околу 7 милиони долари, во Италија се извршени 2,5 милиони долари, а останатиот дел на работите е извршен во повеќе земји. Покрај тоа што се зголемува вредноста на извршените работи, треба да се спомене дека се јавуваат нови земји (Италија, Холандија,Швајцарија) или земји каде што повторно се склучуваат нови договори за работа и градежниците полека се етаблираат на тие градежни пазари- додаваат од Стопанската комора на Македонија.
Според одговорните во Комората, имајќи ги предвид сите податоци што ги објавува Државниот завод за статистика, како и согледувањата со кои располагаат, градежништвото во период на криза успеа да опстане, но и да ги зголемува своите активности и своите капацитети. Останува и натаму двигател на развојот на македонската економија, каде што се ангажирани 4.322 деловни субјекти со околу 45.000 вработени.
– Тоа значи дека со вложувањата во инфраструктурата и со почнување со изградбата на автопатиштата кон Штип и кон Охрид, како и со изградба или реконструкција на повеќе регионални и локални патишта, иизградба на објекти од високоградбата (станбени, деловни и индустриски објекти), ќе се задржи трендот на ангажираноста на градежништвото. Сето тоа ќе придонесе за развој и на повеќе од 26 други стопански гранки кои го пратат градежништвото, каде што се вработени околу 50.000 работници. Треба да се нагласи дека се очекува и поголем стопански развој и на одделни региони во земјава – нагласуваат од Стопанската комора на Македонија.
И експертитекоментираат дека таквитерезултати се очекувани. Според дел од нив, освен попуштањето на европската криза, позитивно влијание имаат државните инвестиции во инфраструктурата, проектите како градењето повеќе автопатишта во земјава и железници, кои и натаму ќе го поттикнуваат растот.
– Градежништвото може да биде одржливо и на долг рок доколку инвестициите се во инфраструктурата. Овие инвестиции се клучни за одржливоста на долгорочниот раст на економијата затоа што ги менуваат фундаментите на економијата, оттука инвестициите во градежништвото се важни за раст на среден рок – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Оптимизмот се пресликува и во очекувањата на менаџерите на компаниите. Во анкетата на Заводот за статистика економската состојба во второто тримесечје еоценета како поповолна и во однос на првото тримесечје и во однос на претходната година. Се очекувазголемување и на бројот на вработени и на бројот на порачки.
Според премиерот Никола Груевски, градбата на трите автопатишта во Македонија е силен импулс за економијата.
– Се наоѓаме во силна инвестициска активност, која продуцира вработување, раст на БДП и работа за градежната индустрија, а преку неа и на многу други индустрии што се поврзани.Освен трите автопатишта, Кичево -Охрид, Демир Капија -Гевгелија и Скопје-Штип, истовремено се проширува експресниот пат Велес- Кадрифаково и целосно и темелно се реконструира автопатот Велес-Скопје, што е речиси како градба на нов пат бидејќи целосно се вади асфалтот, се рамни и се става нов асфалт. Сето тоа е сложена операција во која се инвестираат околу 860 милиони евра -рече Груевски.
За изградба на овие патни правци во моментов се ангажирани 760 работници, а се планира наскоро бројката да дојде до 2.200. Во план е изградба и реконструкција на поголем број други патишта, меѓу кои Охрид – Пештани, Куманово – Табановце, Градско – Прилеп.
Растот на домашниот бруто-производ од 3,9 отсто во првиот квартал од годинава најмногу се должи на растот на градежништвото од 13,7 отсто, што, пак, дава позитивни сигнали дека трендот ќе продолжи, што наскоро ќе го покажат и бројките за БДП за вториот квартал.
Стопанската комора на Македонија е со став дека растот на БДП за првиот кварталохрабрува и создава почва за реализирање на планираниот годишен раст.
– Реализираниот пораст на БДП во првото тримесечје на 2014 година е многу значаен и е за поздравување бидејќи е реализиран во услови на сѐ уште високи негативни импликации од поблиското и поширокото опкружување и сѐ уште не се стабилизираекономската состојба кај нашите позначајни стопански партнери. Во структурата на пораст на БДП водиградежништвото со 13,7 отсто – укажаа од Стопанската комора на Македонија за „Република“.
Според надлежните од Комората, остварениот пораст на БДП во првото тримесечје е добра база за остварување на планираната динамика на пораст на БДП за 2014 година од 3,2 отсто, односно 3,5отсто според Владата и 3,7 отсто според НБРМ.
Со резултат за раст на економијата во првиот квартал од 3,9 отсто, земјава имаше најголем раст на БДП во однос на сите земји од Европската унија. Најголемраст во ЕУ во првите три месеци од 2014 година забележала Полска од 3,5 отсто, паУнгарија со 3,2 отсто. Повеќе од три проценти раст имала само Велика Британија, и тоа 3,1 отсто.
Од регионов, во првиот квартал растот во Србија изнесувал 0,4 отсто,во Бугарија растот е 1,2 отсто, а во Грција има негативен раст од 1,1 отсто.
Пишува: Александрија Стевковска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


