Традиционалната трка на штикли на Широк сокак ќе се одржи вечерва, со почеток во 21 часот.Младинскиот културен центар – Битола традиционално ја организира трката на штикли со цел да промовира нови алтернативни начини за збогатување на забавниот живот на младите и во истражувањето и користењето на алтернативни простори.
Манифестацијата Трка на штикли на Широк сокак се организира по трет пат, по успешниот старт во 2008 година.
Водител на манифестацијата ќе биде Игор Џамбазов, а регуларноста на трката ќе ја следи трочлено жири во состав на јавни личности. Покрај трката предвидена е и богата музичка програма.
Во трката на штикли на Широк сокак традиционално учествуваат девојки од цела Македонија кои се натпреваруваат во две полуфинални трки и една финална трка, а годинава на стартот ќе застанат и познати манакенки. За сите натпреварувачки се предвидени вредни награди.
Трката на штикли во Битола се организира по примерот на повеќе европски градови, како што се трките кои се организираат на улиците “Кнез Михајлова” во Белград и “Страдун” во Дубровник.
Трката се организира како дел од битолско културно лето Битфест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.