Поранешниот репрезентативец и капитен на македонската фудбалска репрезентација Гоце Седловски денеска во просториите на ТЦЦ Плаза официјално беше промовиран во спортски директор на ФК Вардар.
Седлоски на прес-конференцијата изјави дека својата тренерска кариера ќе ја стави во мирување и ќе ја повлече кандидатурата за селекторското место во младата репрезентација, за да се стави на располагање на најголемиот фудбалски и спортски бренд во нашата држава.
– Вардар од секогаш бил синоним за најдобар спортски колектив во Македонија. Голема е честа што можам да помогнам со моето искуство и контакти кои ги имам. Иако не сум бил во можност да играм за Вардар секогаш сум бил добро пречекан на арената Фили Втори како член на репрезентацијата на Македонија. Мојата интезивна работа ќе биде насочена кон правење на силен Вардар кој треба да биде расадник на добри фудбалери кои понатаму ќе треба да бидат и главни носители на играта во репрезентацијата.
Утрово со допис ги информирав во фудбалската федерација на Македонија дека ја повлекувам кандидатурата за селектор на репрезентацијата до 21 година. Од таму немаа слух за мотивот и желбата и сосема други личности решаваат кој ќе биде селектор. Целосно му се ставам на располагање на тренерот Сергеј Андреев во ФК Вардар.
Јас со 100 натпревари за сениорскиот состав на репрезентацијата на Македонија секако посакувам успех на секоја селекција од Македонија – изјави Седлоски.
Извршниот директор на ФК Вардар Самоил Симев не го криеше задоволството од идната соработка со такво големо име во фудбалот и посочи дека заедно ќе соработуваат за издигнување на клубот во еден тим кој треба да биде конкурентен на европските тимови. Симевп потенцираше дека таква обврска имаат према сите што го граделе тимот во минатото, но и правец за идните генерации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


