Двојниот убиец од Охрид кој ладнокрвно уби двајца во четвртокот во охридскиот хотел-ресторан „Император“, најверојатно ја напуштил државата преку нелегален премин, бидејќи полицијата не успеа да го пронајде во неговиот дом, кај неговите роднини или кај блиски пријатели во Македонија.
Сепак засега не е распишана меѓународна потерница по осомничениот убиец Б.П. (30), кој според полицијата ги застрелал бизнисменот Васил Ристески (56) и неговиот пријател и гостин Ромео Ѓузелкоски (38). Осомничениот е поранешен осуденик, кој имал дебело криминално досие во земјава, но и во странство. Засега во Македонија се бара со национална потерница, но поради фактот дека веќе пет дена е недостапен за органите на прогонот најверојатно по него ќе биде распишана и меѓународна потерница.
Со оглед на близината на Охрид до границите со Албанија и со Грција, можно е тој да нашол засолниште во некоја од овие земји. Сепак ако го сторил тоа, тој не излегол преку некој од легалните премини, бидејќи веднаш по убиството по него беше распишана потерница во земјава, па ако се појавел на граничен премин, веднаш по идентификацијата би бил уапсен. Се претпоставува дека осомничениот го искористил познанството со криминалното подземје во регионот, кое му помогнало да се засолни привремено.
Од МВР потврдуваат дека по осомничениот засега не се трага преку Интерпол.
– Полицијата с` уште нема распишано меѓународна потерница по Б.П., бидејќи истата ја распишува Судот. Ако судот процени дека е неопходно да се почне меѓународна потрага по осомничениот, ќе бидеме известени и МВР преку канцеларијата на Интерпол ќе распише меѓународна потерница – изјави Марија Јаковлевска, портпарол на МВР.
Полицијата во петокот во домот на С.В.(58) од Охрид, близок роднина на убиецот, пронашла автоматски пиштол „скорпион“ и 69 куршуми. Роднината бил приведен, а полицијата претходно го уапси и Р.С.(30), кој го возел убиецот пред и по убиството и му помогнал да избега. Полицијата и кај Р.С. пронашла куршуми од различен калибар. Од неговото испрашување не бил добиен податок со кој би можела да се одреди локацијата каде што осомничениот убиец побегнал.
И оружјето со кое пукал осомничениот с` уште не е пронајдено. Вештачењето покажало пиштолот марка „скорпион“, кој бил запленет од дедото на убиецот, не е истото оружје со кое било извршено двојното убиство. Од МВР велат дека интензивно трагаат по осомничениот. Засега не се откриваат ниту мотивите за двојното убиство, иако се шпекулира со неколку верзии на настанот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ужасно е да се носи облека на човек кого го убивме пред 20 минути-oвој детал доведе до разоткривање на бруталното убиство на Кашоги
-
Објавени нови детали за убиството на Кашоги: Само некој кој зема хероин би го направил тоа
-
Убиство во семејство со македонско потекло во Швајцарија
-
Американски рапер убиен во престрелка