Франција влезе во период на нова политичка криза предизвикана од субординација и внатрешни судири, откако претседателот Франсоа Оланд денеска му даде мандат на премиерот да формира нова влада. Тоа е веќе втора реконструкција на кабинетот на премиерот Мануел Валс во последните 5 месеци како резултат на несогласувањата меѓу левичарски настроените партиски членови со политиката на Валс кој влече кон центарот.
Викендов, кризата ескалираше по отворените критики на министерот за економија Арно Монтебург на сметка на политиката на штедење која ја спроведува владата, а која според него, е наметната од Германија.
„Мораме да го дигнеме гласот. Германија е заглавена во политика на штедење која и ја наметнува на цела Европа“, рече Монтебург. Тој соопшти дека побарал од Валс и Оланд „драстична промена“ во економската политика.
„Со оглед на сериозноста на економската состојба, министерот за економија има обврска да понуди алтернатива“.
Иако Валс досега не се изјасни за составот на новата влада, во неа најверојатно ќе нема место за Монтебург, кој и во минатото често пати жестоко ја критикуваше Германија и политиката на штедење.
Економските реформи се основата на политиката на францускиот претседател, социјалистот Франсоа Оланд, но досега тие не донесоа позначајни резултати. Економскиот раст во земјата е исклучително слаб, а невработеноста расте. Централната банка овој месец предупреди дека проектираниот раст од 1 процент на економијата за годинава, нема да се оствари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


