Исландската метеоролошка служба денеска објави дека во текот на ноќта кон саботата во областа на вулканот Бардарбунга, кој еруптираше ден претходно, забележани се два земјотреса.
Исланд во саботата го забрани авионскиот сообраќај во областа на најголемиот вулкан во земјата Бардарбунга и прогласи највисок „црвен“ степен на опасност за воздушниот сообраќај откако беше регистрирана помала ерупција. Во неделата опасноста за авионскиот сообраќај е намалена на „портокалово“ ниво.
Како и другите исландски вулкан, и Бардарбунга е прекриен со вечен мраз. Тој спаѓа во групата стратовулкани од субглацијален тип, се наоѓа во калдерата на длабочина од 700 метри. Неговата последна ерупција е забележана во 1477 година.
„Под пластовите мраз трае ерупција, веројатно мала, којашто не успеа да го истопи ледениот покривач“, изјави Теодор Хервасон, извршен директор на метеоролошката агенција на Исланд.
Според американскиот Геолошки институт (USGS), земјотрес со магнитуда од 5,3 степени е регистриран во 00:09 часот по локално време, односно во 2 часот по македонско време. Хипоцентарот на потресот бил на длабочина од 5,4 километри, а епицентарот на 113 километри северозападно од градот Хофн во југоисточниот дел на Исланд. Вториот земјотрес, пак е регистриран по пет ипол часа, со магнитуда од 4,9 степени и на 17 километри од епицентарот на првиот, со жариште на длабочина од 10 километри.
Зголемената сеизмичка активност на Бардарбунга се следи од 16-ти август, кога беше прогласена највисоко – петто ниво на опасност од ерупција. Спасувачките екипи од средата го евакуираа целото население од областа јужно од вулканот кој се закануваше со ерупција. Околу вулканот нема населени места, но во летниот период во неговата околина полни се туристичките населби и со ловци. Во средата навечер беа, исто така, блокирани сите патни правци во регионот.
Научниците оценија дека, доколку почне ерупцијата на Бардарбунга, вулканската пепел би можела да го поремети воздушниот сообраќај во северна Европа и на северен Атлантик. Исто така, Исланд би можел да претрпи значителни штети поради топење на мразот што може да предизвика поплави.
Ерупцијата на исландскиот вулкан Ејафјалајокул во пролетта 2010 година го предизвика најголемиот колапс на воздушниот сообраќај во мирнодобски услови, кога за еден месец беа откажани повеќе од 100 илјади летови и блокирани повеќе од осум милиони патници. Притоа европското воздухопловство претрпи штети во висина од 1,7 милијарди американски долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.