Властите на Хаваи денес им наложиле на граѓаните да ги напуштат своите домови, откако се појавиле две нови пукнатини покрај вулканот Килауеа, по ерупцијата пред една седмица и серијата силни потреси.
На жителите во областа Ланипуна Гарденс на југоистокот на Големиот остров им било кажано дека се во непосредна опасност, поради што била наложена итна евакуација.
Досега биле евакуирани веќе околу 1.700 луѓе. На Големиот остров неодамна се случила и серија од силни потреси, од кои еден бил шест степени според Рихтер.
Лавата од вулканот се проширила на околу 36.000 квадратни метри, а иако се движи бавно, и натаму нема показатели до кога и колку ќе се шири лавата.
Вулканот Килауеа е еден од најактивните вулкани на светот. Неговата ерупција трае од 1983. година, а лавата овој пат се спуштила до најнаселените подрачја. Вулканот во 1990. година речиси го уништи Калапано, кога текот на лавата покрил голем дел од градот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.