Ракометарите на Вардар од денеска се во Кањижа, Србија каде ќе настапуваат на турнир, последен пред официјалниот почеток на сезоната. Ќе одиграат три натпревари, две во група, против репрезентацијата на Тунис и Партизан, и потоа уште еден за пласман.
Екипата ќе биде во ист состав како и на турнирот во Струга, односно без Владимир Петриќ и Даниел Шишкарев, а со тимот ќе патува и Владо Недановски. Петриќ има повреда на рамото, а Шишкарев се уште не е опоравен од вирусот.
– Ова е втор турнир, важно ни е да бидеме повоиграни. Резулатите се важни, но поважно е да бидеме подготвени за она што потоа не очекува – вели Раул Гонзалез тренерот на Вардар.
Левото крило Тимур Дибиров верува дека екипата сега ќе има многу подобри игри, зашто сега подолго време имале за работа со топка.
– Никогаш не гледаме зад нас, па така и сега. Не интересира само она што не очекува. Сега ќе бидеме подобри, зашто имавме повеќе време за работа со топка. Навивачите бараат резултати, а нас тоа уште повеќе не мотивира- изјави Дибиров.
Во првата група се екипите на Нексе, Пик Сегед и Горење Велење.
Турнирот за вардарци започнува денеска против репрезентацијата на Тунис во 16 часот. Вториот натпревар е во сабота во 10 часот против Партизан, а во недела е натпреварот за пласман. Во случај на две победи во групата Б вардарци во недела ќе играат за првото место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.