Светската здравствена организација соопшти синоќа дека во почетокот на следниот месец ќе одржи разговори за потенцијалните начини на лекување и вакцини за да се спречи смртоносното ширење на еболата во Западна Африка.
Таа заразна болест досега уби 1.350 луѓе, од 2.473 случаи во четири држави – Гвинеја, Либерија, Нигерија и Сиера леоне, покажуваат податоци на таа организација на ОН.
„Консултациите ќе бидат одржани за да се добијат стручни мислења за експериментални терапии и вакцини, кои најмногу ветуваат за искоренување на еболата во Западна Африка“, се вели во соопштение на СЗО.
Состанокот е закажан за 4 и 5 септември во Женева.
Во разговорите во седиштето на СЗО ќе учествуваат повеќе од 100 стручњаци од областа на фармацевтски и клинички истражувања, како и стручњаци за етички и правни и регулаторни прашања.
СЗО овој месец одобри употреба на нетестирани медикаменти за лекување заразени од ебола, но недоволните количини и средства покрена прашање кој има предност во примањето третман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.