Управата на ФК Вардар реагираше од односот на Фудбалската федерација на Македонија кон нив како седукратен шампион на нашата држава и двојниот аршин кој го имаат кон повеќето клубови во државата.
Претседателот на клубот Мирко Спасевски на вчерашната прес-конференција напомена дека во сите останати спортови се спроведува законот за спорт, освен во фудбалот и порачува до ФФМ тоа да се спроведе на дело како би можел и фудбалот да тргне во вистински правец.
– Задоволен сум од работата на целокупната управа на клубот и негова реорганизација што се случува во изминатите шест месеци. На вистински правец сме клубот да стане европски со сите пропратни елементи. Посакувам да и апелирам ФФМ да постави стандарди кои ќе бидат за сите исти, да гарантира безбедност на тимовите треба да гостуваат. За жал полицијата не ја врши работата како што треба и тоа треба да и се пренесе – изјави Спасевски.
Претседателот напомена и за ригорозните казни кои Вардар ги добил во изминатиот период од првенството.
– До сега сме казнети со 5000 евра. Не е коректно за ист испад на навивачите на два клуба Вардар да е казнет, а другиот клуб воопшто не. Го прашувам претседателот Илчо Георгиевски ако за три кола сме казнети 5000 евра, колку Вардар ќе плати до крајот на сезоната? Исти вакви казни имаше кога Ѕинго беше претседател. Дали Илчо учи од него? Или пак ајде Вардар има богат сопственик па ќе може да удри по него – додаде Спасевски.
Тренерот на Вардар Андреев имаше забелешка на судењето. Судиските одлуки сопред Андреев придонеле за неколку тешки повреди во таборот на „црвено-црните“.
– Во секој натпревар Вардар е оштетен на повеќе наврати. На секој натпревар има недосудени пенали или пак судиите пробуваат да им помогнат на другите екипи. Не санкицонираат груби стартови по кои наши играчи се тешко повредени и отсуството од терените има голема цена за натпревари во кои Вардар е супериорен и без поголеми проблеми го победува – потенцираше Андреев.
На оваа прес-конференција збор зеде и директорот на клубот Самоил Симев кој се осврна на конкурсот кој Вардар го отвори со цел зајакнување на младинските категории во клубот и воопшто во фудбалот во Македонија.
– Во врска со огласот за младински категории што траеше до 15 авугст и беше со цел на натамошен развој на младинските категории на ФК Вардар. До нашиот клуб стигнаа 16 апликанти што ги исполнуваат условите што беа децидно објавени преку јавноста, застапени се школи од различни делови на Македонија, што особено не радува бидејќи ќе бидеме застапени во сите делови од државата. Ни претставува чест што околу 1.000 нови дечиња што ќе се приклучат на ФК Вардар, ако на тоа се приклучат и оние 400 што веќе ги имавме, веќе добиваме сериозна бројка од која Вардар ќе вади нови таленти. До крајот на месецот ќе биде завршена нашата равојна програма што ќе стартува кон крајот на месец септември. Овој проект го реализираме бидејќи веруваме во младите, во нивните капацитети и тие во иднина ќе бидат движечката сила на ФК Вардар – изјави Симев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


