| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва ќе се доделат наградите „Виртуози“

Virtuozi

Вечерва во Македонската опера и балет во 20 часот првпат ќе биде доделена наградата „Виртуози“ во десет категории, во областа на музичката и балетската уметност.

Манифестацијата ќе ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, а наградите ќе ги доделат десет значајни македонски културни дејци: Мелпомени Корнети, Велко Тодевски, Влатко Стефановски, Љубомир Бранѓолица, Оливер Белопета, Милка Евтимова, Владимир Георгиевски, Драган Даутовски и Глигор Чемерски.

Домаќин на вечерта ќе биде водителот од Македонската радио-телевизија, Златко Андоновски, а покрај централниот дел на манифестацијата, публиката ќе има можност да ужива во настапите на Женскиот хор при Младинскиот културен центар, на младата талентирана и веќе афирмирана виолинистка Ева Богоевска, на настапите на пејачите Иван Наумовски и Наде Талевска, како и на балерините Викторија Илиоска и Елена Ристеска.

Од Сојузот на композиторите на Македонија, кој се јавува како организатор на настанот, велат дека интересот за манифестацијата е огромен, не само од стручната, туку и од широката јавност, љубители на класичната музика и балетот. „Иако билетите веднаш се потрошија, вратите на МОБ ќе бидат отворени за сите посетители кои ќе сакаат да ги поддржат најуспешните македонски музички уметници и да бидат дел од прогласувањето на првите ’Виртуози‘“, вели Сони Петровски, претседател на СОКОМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top