Со изјавата на Томас Милер за германскиот спортски весник Спортбилд дека неговиот клуб е Баерн Минхен завршени се сите приказни за негов евентуален трансфер кај неговиот поранешен ментор Луис Ван Гал во Манчестер Јунајтед.
– Кога е во прашање продолжување на договорот со Баерн Минхен, парите се во втор план – изјави Милер.
Поврзуван со трансфер во Манчестер Милер призна дека имал многу понуди во преодениот рок по завршувањето на светското првенство каде ја освои титулата со Германија и постигна пет гола исто колку и пред четири години на мундијалот во Јужна Африка.
– Ова лето до мене пристигнаа многу понуди. Свесен сум дека понудите беа со астрономски цифри за мојата плата. Но тоа што сакам да го кажам е дека немам намера да го напуштам Баерн – додаде Милер.
Во изјавата тој не негира дека преговарал со други клубови ова лето, но добил јасен сигнал од управата на баварците дека тие сакаат да соработуваат со него и имаат долгорочен план. Тука приказната била завршена.
Милер потекнува од младинската школа на Баерн и токму Луис Ван Гал кој сега е тренер на Јунајтед му даде шанса во првиот тим на Баерн. Милер тоа одлично го искористи и за 165 натпревари постигна 58 голови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


