| четврток, 6 декември 2018 |

Ако не ве побара за жена месецов… ќе чекате до следниот август

zaprosuvanje

Летото веќе не е синоним за љубовни авантури, туку за зацврстување на љубовните врски. Тоа го покажуваат светските статистики, според кои најмногу понуди за брак или свадбени церемонии се случуваат во периодот од јуни до септември, а најмногу во август. Според најновото истражување на британскиот сајт за накит vashi.com, мажите најчесто одлучуваат да понудат брак додека се на одмор, а фактот го поткрепуваат со податокот дека компанијата во овој месец продава 30 отсто повеќе веренички прстени и бурми од вообичаено.

Секоја година во Велика Британија има 262 240 венчавки, што е еднакво на една свадба на секои две минути. Таму годинава се забележани 5,3 отсто повеќе свадби, а најмалку парови биле регистрирани во 2009 година.

„Вечер“ ја сапореди оваа статистика со домашната. И во Македонија најмногу бракови се склучуваат во август, а најмалку во март, велат официјалните статистики. Според податоците од Државниот завод за статистика, во овој месец се разведуваат и најмалку бракови (3,2 отсто), а најмногу разводи има во април, 10,7 отсто. Интересни се податоците од Заводот кои се однесуваат на браковите дека мажите се похрабри и почесто одлучуваат судбоносното “ДА“ да го кажат по втор, па дури и по трет пат. Во просек, жените стануваат сопруги на 25 години, а мажите на 28, но и едните и другите се разведуваат до 34-годишна возраст. Постарите луѓе, сепак, не заостануваат. Дваесет отсто повеќе од оние на возраст меѓу 60 и 65 години решаваат да склучат брак. Во споредба со британските државјани, кои најчесто се одлучуваат за граѓански бракови, без скапи свадби (просечна чини 22 илјади фунти), кај нас младите брачни парови кога прв пат скокаат во тавче најчесто тоа го прават со свадбена церемонија.

Следењето на европските и на светските трендови во Македонија резултираше со тоа што и годините на стапување во брак се во континуиран пораст, тренд кој има тенденција да продолжи. Според социолозите, критична граница е кога годините на влегување во брак ќе се покачат на 32 и 33 години, како во високоразвиените земји, каде што голем дел од жените живеат и раѓаат во вонбрачна заедница, се одлучуваат сами да имаат деца, а бракот полека станува една имагинарна институција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top