Проблемот со името и натаму е статус-кво, вели во интервју за Дојче веле министерот за надворешни работи, Никола Поповски и додава дека германската дипломатија сака решение на спорот, но Атина молчи.На неполни две недели до Конференцијата на земјите од Западен Балкан во Берлин, чиј домаќин ќе биде канцеларката на Германија, Ангела Меркел, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски во интервју за ДВ одговара на прашања сврзани со решавањето на спорот за името, вклученоста и поддршката на Германија во тој процес, но и за односите на Македонија со Бугарија и Албанија.
ДВ: Дел медиуми во Македонија најавија дека во текот на месецов е можна средба помеѓу канцеларката Ангела Меркел и премиерот на Република Македонија, Никола Груевски. Некои отидоа дури дотаму и напишаа дека Груевски ќе прифати промена на името, но за возврат од Меркел ќе бара да не се чепка во прашањето за идентитетот. Како прв човек на македонската дипломатија, како гледате на овие претпоставки?
Попоски: Не би сакал да коментирам какви било шпекулации или претпоставки. Она што би сакал да го кажам и што е базирано на факти е дека Германија сака да испрати сигнал дека сака да биде присутна во регионот, дека регионот има иднина во Европската унија и дека тоа веројатно ќе биде процес кој ќе одземе повеќе години. Тоа е и идејата на ангажманот на канцеларката Меркел за претстојниот самит со премиерите од регионов, кој ќе има и политичка и економска компонента. Политичката во делот ’Да, имате гарантирана иднина во ЕУ, но тоа ќе одземе време’ и економската компонента во која ќе ни биде порачано во меѓувреме најмногу да работиме на подобрување на инфраструктурата и зголемувањето на конкурентноста во регионот. Бидејќи без економски развој и политичката интеграција би немала никаква смисла.’ Тоа е она што ќе се случува. Во однос на конкретниот ангажман на Германија спрема Република Македонија, тоа што беше кажано досега е дека постои интерес кај Германија да се придвижи процесот на интеграции, бидејќи веќе е извесно и за канцеларката Меркел и за целата германска дипломатија дека продолжување на статус – кво кон Македонија со неоправдано и правно неиздржано одложување на почетокот на преговорите за ЕУ и членството во НАТО не е нешто што носи добри резултати за целиот регион. Значи, германската дипломатија сака тоа да биде надминато и тие знаат дека главниот проблем е блокадата од Грција. И Германија би сакала да види решение, но во никој случај не би сакала да плати цена на зголемена непопуларност или отворена конфронтација со Грција во однос на тоа прашање. За претходна директна средба Меркел – Груевски не би можел да говорам, бидејќи тоа се активности кои се тековни, но факт е дека на крајот од месецот во Берлин ќе има Самит на Меркел со премиерите од целиот регион, меѓу кои ќе биде и македонскиот премиер Никола Груевски.
ДВ: Сметате ли дека Германија активно влегува во решавање на спорот за името?
Попоски: Потсетувам дека Грција им има јасно и отворено кажано на сите партнери дека нивната сегашна влада нема намера да се занимава со надминување на спорот околу името, бидејќи смета дека има многу тешки внатрешни проблеми и смета дека во следниот период има за исполнување низа други критериуми кои се прилично непопуларни, носат тежина и од тој аспект не чувствува дека има политичка сила да се занимава со други надворешно – политички прашања, вклучително и прашањето со името. Тоа е таа политичка калкулација во Атина во однос на надминување на спорот. Тоа е јасно и за Германија и за останатите поупатени членки во овој спор и од тој аспект ограничено е нивното влијание за придвижување на спорот. За нас е значајно да не биде продолжена таа ситуација на едноставно одложување без поголем фокус. Но нашата енергија треба да ја насочиме кон она што можеме дома да го направиме, а тоа се реформите и економскиот развој. Тука е делот на инфраструктурата и тука Германија може да помогне преку европските фондови и разни билатерални програми да се поттикне економскиот развој во регионот, а со тоа и во Македонија. И нашата енергија треба да биде посветена на тоа поле, бидејќи имаме и поголемо влијание. Нашето влијание не е доволно да постигнеме Атина, која нема намера да се занимава со ова прашање, да почне да се занимава со него. Тоа ќе треба да го направат оние земји кои го имаат тоа влијание.
Целото интервју со министерот Попоски е објавено на интернет страницата на Дојче веле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Уапсени седум мигранти за силување на тинејџерка во Германија
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!


