| четврток, 6 декември 2018 |

Ховит: Нема договор за датум за предвремени избори

Не знам зошто има погрешни интерпретации во однос на договор кој е мошне јасен, изјави Ховит за МИА, притоа потврдувајќи дека одбива да говори за некаков датум во врска со организирање на можни предвремени избори

hovit
Известувачот за Република Македонија од Европскиот парламент, Ричард Ховит, негира дека европската тројка и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ вчера договориле датум или „датум за датум“ за организирање на предвремени парламентарни избори.

Во разговор со дописникот на МИА од Брисел, но и со објава на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“, Ховит потврдува дека и вчера во Скопје во неговата изјава, како и во договорот, само стои дека „ќе има дискусии за сите опции без да се прејудуцира конкретно време“.

– Не знам зошто има погрешни интерпретации во однос на договор кој е мошне јасен- изјави Ховит за МИА, притоа потврдувајќи дека одбива да говори за некаков датум во врска со организирање на можни предвремени избори.

Според британскиот европратеник, кој вчера заедно со својот колега од Европарламентот, Јержи Бузек и со комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, издејствуваа договор за крај на политичката криза што ја наметна партијата на Бранко Црвенковски, датумот 1 септември 2013 година и воопшто овој месец е всушност изведен од дискусијата која вчера се водела во Скопје.

– Европската комисија потврди дека следниот редовен извештај за Македонија (не во Специјалниот што ќе биде готов следниот месец, н.з.), што секоја година се публикува во октомври месец, ќе започне да го подготвува од почетокот на септември. А, во тој извештај, ЕК ќе ги оцени резултатите од дијалогот и резултатите на ад-хок Комисијата за настаните од 24 декември минатата година, но и за подобрувањето на функционирањето на Собранието, поддршка на клучните реформски мерки и низа други точки. Но, во секој случај, ќе повторам дека нема ништо специфично, туку само дека резултатите од тој дијалог ќе се најдат во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија- вели известувачот Ховит.

Она што го вели британскиот европратеник е всушност истото што постои во договорот постигнат вчера, а кој е на англиски и македонски јаизк, потпишан од европската тројка и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и на СДСМ, Бранко Црвенковски. Во овој договор, како што јасно може да се види и во двете верзии, никаде не стои ниту датум за организирање или договарање на предвремени парламентарни избори, ниту пак воопшто се споменати предвремени избори

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top