| четврток, 6 декември 2018 |

Ричард Ховит во Македонија денес на средба со Фатмир Бесими

ricard-hovit-510x272

Известувач за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит денеска во Скопје ќе има средба со заменик премиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими.

Ховит, кој е во посета на Република Македонија и Бесими ќе имаат и средба со студентите од универзитетите во Република Македонија.

Eвропскиот парламент на 6 февруари со 486 гласови за, 55 против и 29 воздржани ја усвоија резолуцијата за напредокот на Македонија во 2013 година, предложена од британскиот европратеник Ричард Ховит.

Во резолуцијата Европскиот парламент уште еднаш го повикува Советот на Европската Унија да утврди без одлагање датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Притоа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување.

Билатералните и добрососедските односи според усвоениот текст треба да бидат во конструктивен дух водејќи сметка за принципите на ООН и ЕУ.

ЕП жали што одлагањето на датумот за преговори ја акцентира растечката фрустрација на јавното мислење во однос на ќорсокакот во која се наоѓа процесот на интеграција во Унијата и ризикува да предизвика проблеми и тензии во земјата. Исто така, се изразува жалење што Советот не ја повтори истата формулација од 2012 година во однос на Македонија.

Грција е повикана да го искористи своето претседавање со ЕУ за да даде нов елан на процесот на интеграција, со што ќе ги потврди ангажирањата од агендата Солун 2003 и ќе создаде позитивен амбиент за решавање на билатералните разлики во духот на европските вредности и да ја искористи својата раководна позиција за да изработи иницијативи кои имаат за цел излез од актуелниот ќорсокак на преговорите за изнаоѓање решение.

Македонија се повикува да продолжи со реформите и да им стави крај на нејзините политики и практиките кои можат да претставуваат пречка за нејзината европска иднина, како и постигнување на напредок во областите наведени во заклучоците на Советот на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top