| четврток, 6 декември 2018 |

Навивање и хулиганство – недозволиви синоними

Секој добронамерен навивач го гради угледот на клубот. Неспорно е дека меѓу тие навивачи има образовани луѓе, мирни и искрени навивачи. Но, има поединци на кои тоа им е можност да се покажат. Спортот е пасија, интересен е за медиумите, а поединци преку него сакаат да се стават во преден план. Тие сакаат да се промовираат преку хулиганство

Навивачка група и хулиганство. Овие две работи во Македонија се измешани или, подобро кажано, исти. Општата слика за навивачка група е насилници, хулигани, тепачи, безобразни… Кога некој ќе каже дека е дел од некоја навивачка група, се добива лоша слика за самата личност. И сето тоа на сметка на поединци што создаваат погрешно сфаќање на поимот „навивач“. Културата на навивањето во Македонија оди во погрешен правец. Фрлено столче на терен за време на ракометен меч, тепачка меѓу две спротиставени навивачки групи, пресметка меѓу припадници на иста навивачка група, фрлање предмети на терен, повредени навивачи, фрлање предмети кон судии, втрчување на терен, пресметка со играчи… Тоа е сликата на македонскиот спорт. Масовноста на навивачите им е шанса и грб за ослободување од секојдневието преку навреда на „другите“, со омаловажување на туѓите херои да се здобие, барем за момент, чувство на супериорност.

Во такви услови спортската манифестација го губи современиот дух на фер игра, а вештината во играта и духот на пријателството и на мирот ја губат улогата. Спортскиот терен се доживува како фронт. Насилството на спортските трибини има комуникациска функција и како порака до навивачите на спротивставениот клуб, но и до власта и до политичките актери.

Според официјалните информации на Министерството за внатрешно работи, во последните пет години, просечно, се регистрирани по 17 инциденти годишно. За овие спортски натпревари биле ангажирани околу 6.500 полицајци, во 28 инциденти се повредени 69 полициски службеници, 13 полициски возила биле оштетени, како и 50 цивилни возила и 11 автобуси. Од почетокот на 2014 година досега се случиле дури 19 инциденти, регистрирани се 11 тепачки, а има и 12 повредени лица.

Билет за натпревар речиси никој не купува, особено кога станува збор за фудбал. Трибините се празни, а причината за тоа е слабиот квалитет. Но, дали навистина е така? Тој што сака фудбал, тој што сака спорт, тој што навива за некој клуб ќе навива и тогаш кога квалитетот на игра е паднат. Но, дали би се решил да купи билет и да си го ризикува животот?

– Навивач сум на Вардар од дете. Роден сум и израснат во Центар. Љубовта кон спортот ми е во крвта. И денес ги сакам клубовите за кои сум навивал како дете. Се играле важни натпревари со големи клубови. Но, како да одам на стадион? На секој втор натпревар има тепање, инциденти, проблеми, повредени. Зар да купам билет и да го однесам сопственото дете на стадион кога знам дека ја загрозувам и мојата и неговата безбедност? Тоа што некогаш татко ми го правел за мене јас денес не можам да го направам за сопственото дете – вели 40-годишен скопјанец револтиран од низата инциденти на трибините.

Професорот Иван Анастасовски, основач и претседател на Институтот за спортска толеранција „Глобал“, вели дека навивачите ја загубиле смислата на зборот „навивање“.

– Вие да отидете на натпревар без да купите билет и да го навредувате другиот. Ние сме важните, без нас не се може. Да, фудбал се игра за публика, но не за одредени поединци. Навивач е едно, хулиган е друго. Хулиганите живеат надвор од нормите. Прават хаос, ги држат древните традиции на борба. Не разговараат со полицијата. Навивачка група е друго. Кај нас се измешани работите – вели професорот Анастасовски.

Тој се согласува дека денес, покрај неквалитетот, причина за празните трибини се и инцидентите што редовно се случуваат. Нормалниот свет кој навива за клубот, додава тој, не оди за да се заштити од насилници.

– Секој добронамерен навивач го гради угледот на клубот. Неспорно е дека меѓу тие навивачи има образовани луѓе, мирни и искрени навивачи. Но, има и поединци на кои тоа им е можност да се покажат. Спортот е пасија, интересен е за медиумите, а поединци сакаат преку него да се стават во преден план. Тие сакаат да се промовираат преку хулиганството – коментира професорот.

Последниот инцидент во Битола, кога навивачите дојдоа во судир со полицијата, по што еден од навивачите доби повреди на дланката и остана без три прста, е само повод за темата за девијантните промени во навивањето кај одредени навивачки групи.

И членови на навивачките групи се свесни за изместувањето на работите и за неконтролираното однесување на поединци кои се дел од тие групи.

– Доаѓаат млади деца, сакаат да бидат дел од навивачките групи. Тие доаѓаат со погрешна слика, создадена поради низата инциденти. Сметаат дека треба да искршат нешто, да истепаат член на противничката навивачка група, па дури и да удрат шлаканица на полициско лице. Така ќе се издвојат, ќе се промовираат, ќе се зборува за нив. Се обидуваме да го измениме тоа, но не успеваме поради поединци. Факт е дека и вмешаноста на политиката си го прави своето. Некој ќе ти помогне да не заглавиш во затвор поради одреден инцидент, ама затоа ти после мораш да излезеш на некој протест или да не излезеш на некој протест иако се согласуваш со него – коментира член на една од скопските навивачки групи.

Навивачките групи може да си помагаат на одреден елемент, но не смее однесувањето на политичарите да биде сигнал на навивачите. Тие треба да се држат до спортот и да соработуваат со клубот, а не да бидат истурен декор меѓу најголемите политички партии.

И за Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е крајно неразбирливо, нерационално однесување кое го доведува во прашање животот на поголемиот дел од поддржувачите на клубот и придонесува да се фрли црна дамка врз еден фер и спортски натпревар.

– На сите хулигани, вандали, уништувачи на македонскиот фудбал и на сите што вистински не ги сакаат спортот и фудбалот им порачуваме да останат надвор од спортските арени. ФФМ е уверена дека само со строго и доследно применување на прописите и почитување на превентивните мерки од надлежните институции и тела може да се решат проблеми какви што се хулиганството и насилството во спортот. Мерките за безбедност на натпреварите постојат со причина. Полните трибини без инциденти, со примерно однесување, без нереди, без национализам и дискриминација се клучни цели на сите учесници во македонскиот фудбал, од Фудбалската федерација на Македонија и клубовите преку навивачките групи, јавноста и медиумите до државните институции во целина. На терените фудбалот е на првото место! Нека нѐ обедини радоста, а не омразата – велат од ФФМ.

 

Нов закон за помалку инциденти

Во Македонија постои Закон за спречување на насилството на спортските натпревари кој регулира насилно однесување на трибините. Одредбите од Законот се однесуваат на начинот на орга­низирање на натпреварите, условите и на просторот наменет за навивачките групи во спортските објекти и околу нив, како и на казнената политика.

Професорот Анастасовски вели дека на Македонија ѝ е потребен нов закон по англиски метод. Во Британија увиделе дека и присуството на полицијата на стадионите ги предизвикува хулиганите на неред, па затоа се послужија со техниката. Поставените камери на секој чекор ги регистрираат лицата и дејствата, а казните за прекршителите се смислени навистина да ги заболи – долгорочна забрана да се присуствува на спортски натпревари. Таква мерка може да побара и клубот – бидејќи приватниот капитал не оди со немири. Поради емотивна врска со клубот, таквата казна ги смири британските страсти.

„Глобал“ веќе подготвува нов закон кој би се однесувал на мерки што се преземаат во случај на инцидент. Оттаму најавуваат дека ќе излезат со конкретни решенија кои ќе бидат доставени до институциите со цел поуспешно надминување на такви ситуации.

– Со последните промени се зголемени санкциите. Тоа е предвидено со постојниот закон, но настаните продолжуваат. Потребно е нешто поинаку, мерки за откако ќе се случи инцидент. Потребен е закон за инциденти како последниот во Битола. Во Англија безбедносниот систем е донесен до совршенство. Постои посебна редарска служба која следи сѐ што се случува на трибини и го следи однесувањето на навивачите до излегувањето на последниот навивач од трибините. Стадионот се празни 45 минути по завршувањето на натпреварот. Претходно ги изнесуваат само тие што го нарушуваат редот и мирот. Посебни редари, наречени стјуарди, се одговорни за тоа што се случува на трибините. Полицијата ја презема одговорноста откако навивачите го напуштаат стадионот или спортската сала – коментира Анастасовски.

Тој нагласува дека во Италија влезница за натпревар се купува со име и презиме и секој одговара за местото за кое набавил влезница. Кај нас тоа се вметна како сегмент, но ретко кој купува влезница. А, со секоја купена влезница се придонесува за клубот.

– Мора да има седење на натпревар. Не може да се навива како толпа. Секаде во светот има одредено место на кое се седи и доколку некој го нарушува редот, се доаѓа кај него и се отстранува од трибините, без притоа да се пробива во топла. Не смее да има стоење, секое столче мора да е нумерирано. При изнесувањето на тој што направил инцидент не смее да се провоцираат останатите навивачи за да не дојде до поттикнување незадоволство кај цела толпа, што, пак, води кон инциденти – вели професорот.

 

A.C.A.B (1.3.1.2)

Навивачите се завојувани меѓусебно. Пресметките меѓу нив се чести и често знаат да бидат крвави. Но, кога се работи за спротивставување со полицијата, тие се обединети. Доказ за тоа е и последниот инцидент во Битола. Битолските навивачи втрчаа напомош на скопските, им помогнаа да стигнат до болница, им носеа јадење и пиење, искажуваа поддршка на момчето чија дланка настрада. A.C.A.B. е тоа што ги обединува. Често ќе видите дека тие излегуваат со парола 1.3.1.2. што, всушност, ги означува буквите од скратеницата за „All cops are bastards“ или во превод „Сите полицајци се гадови“.

Навивачите сакаат полицијата да биде надвор од терените. Сметаат дека полициските службеници се насилни кон нив и дека доколку наместо нив, има редари, мирот на терените ќе биде поголем. Тие сметаат дека тоа што го практикуваат Англија и Италија би било најдобро решение и кај нас.

– Најдобро е кога на трибините би имало посебна агенција за редари, кои ќе се грижат за редот на трибините – коментира нашиот соговорник кој е член на една од навивачките групи. Според него, често полицијата применува прекумерна сила иако признава дека често и се претерува на трибините и работите излегуваат надвор од контрола.

Но, како да се обезбеди таа агенција? Кој ќе ја плаќа таа агенција? Тоа се само неколку од многуте прашања што се поставуваат. Лесно е да се обезбедат средства таму каде што билетите регуларно се продаваат. Прво што треба да се направи кај нас е луѓето да почнат да купуваат билети. Со тоа ќе инвестираат во спортот, ќе инвестираат во подобрување на условите и на безбедноста на трибините. А за вистинските љубители на спортот тоа е најважно.

 

(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 101. број на неделникот „Република“, 8.08.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top