По неколкучасовни разговори со политичките лидери, еврокомесарот Штефан Филе, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, и поранешниот претседател на Европскиот парламент, Јежи Бузек, објавија дека земјата се враќа во нормалниот политички живот и на европскиот пат.
– Партиите се согласија да продолжи нормалниот политички живот, сите партии да се вратат во парламентот и да учествуваат на планираните локални избори. Исто така се согласија да се формира ад хок-комисија за настаните од и пред 24 декември, вклучувајќи ја и безбедноста во и надвор од парламентот, а резултатот од работата на оваа комисија ќе биде вклучен во годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата – објави известувачот Ховит по средбите со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ, Никола Груевски, Бранко Црвенковски и Али Ахмети.
Според Ховит, лидерите се согласиле, како што рече, со изборниот календар, да дадат дополнително време за составување на изборните листи за локалните избори, а веднаш по нив, без предрасуди и со добра верба, да разговараат за дефинирање на тајмингот на наредните парламентарни избори. На тие разговори лидерите треба да дискутираат за внатрешната политичка ситуација, вклучувајќи ги и резултатите од работата на комисијата за настаните од 24 декември.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ховит ја остави отворена можноста домашните партии да разговараат и за предвремени парламентарни избори.
Меѓу договорените точки е и таа по локалните избори да се спроведат изборни реформи, вклучувајќи го и Избирачкиот список, со опфаќање на препораките од извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, а во однос на слободата на изразување, постигнат е договор да се обнови дијалогот со Здружението на новинари на Македонија, како и да се применат мерки за градење доверба.
За Ховит, прва точка од договорот беше согласноста на партиите да ги поддржат стратегиските приоритети на државата и да ја поддржат евро-атлантската агенда.
– Сега очекуваме брзо спроведување на договорот за да може европската агенда да се врати на патеката, реформскиот процес да се интензивира, а Европскиот парламент и Европската комисија да можат да продолжат со извештаи за земјата. Договорот е постигнат доцна, но се надевам и верувам не предоцна. Никој не треба да го потценува предизвикот на страните во пронаоѓањето договор и мојата порака до земјите-членки на ЕУ е да се надминат сопствените предизвици и да овозможат плодовите од овој договор да се реализираат – рече Ховит.
Иако беше најавена заедничка прес-конференција на тројцата претставници од Брисел, Филе за да не го испушти летот, мораше да замине веднаш по средбите, со оглед дека разговорите непланирано се одолжија. Најмногу време европските претставници поминаа со лидерот на СДСМ, Црвенковски, со кого разговараа речиси три часа, со пауза за средба на Филе, Ховит и Бузек со лидерот на ДУИ, Ахмети.
Веднаш по разговорите со лидерите во делегацијата на ЕУ во Скопје, европските претставници одржаа еден вид лидерска средба со Груевски и Црвенковски кај претседателот Ѓорге Иванов. На средбата Груевски и Црвенковски дојдоа со најблиските партиски соработници. По едночасовни разговори, резултатот го објави претседателот Иванов.
– Се постигна договор на оваа заедничка средба меѓу власта и опозицијата и со присуство на нашите партнери и пријатели од ЕУ. Имаше позитивен однос од лидерите и на власта и на опозицијата, што овозможи европската агенда да се врати на дневен ред во Македонија – рече Иванов.
Тој им се заблагодари на членовите од ЕП и ЕK што вложиле многу напор, особено што Македонија и во вакви моменти имала пријатели кои мислат на иднината на земјата.
Известувачот Ховит вчера изјави и дека договорот е клучен за евро-атлантските перспективи на земјава и оти е важно да се нагласи дека го постигнале партиите заради сопствената земјата.
интегрално
Договор за решавање на политичката криза
Ова е содржината на Договорот што е постигнат вчера попладне во претседателската вила „Водно“ од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски, и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов, а по иницијатива на еврокомесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе:
1. За поддршка на стратегиските приоритети на земјата ќе се склучи меѓупартиски меморандум за разбирање или собраниска резолуција, со која ќе се потврди поддршката за агендата за евроатлантски интеграции и ќе се обврзат на воздржување од дејства што ја поткопуваат оваа цел.
2. За враќање на нормалниот политички живот:
– сите партии да се вратат во Собранието и да учествуваат на закажаните локални избори
– сите партии да ја поддржат иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов за формирање ад хок анкетна комисија за настаните на и пред 24 декември, вклучувајќи ја и нивната уставност, обезбедувањето во и надвор од Собранието и преглед на собраниските процедурални правила. Да се зборува и за изборна реформа по локалните избори, повторна ревизија на Избирачкиот список, како и за слободата на изразување.
3. Да се направи поместување на изборниот календар за да се обезбеди време за регистрирање на кандидатските листи за локалните избори. Непосредно по локалните избори, на лидерска средба да се разговара за внатрешнополитичката ситуација, наодите од Анкетната комисија, како и за сите опции без прејудицирање за дефинирање на времето за одржување на следните парламентарни избори. Резултатите од оваа средба треба да бидат видливи пред следниот извештај за напредокот од страна на Европската комисија, за да бидат вклучени во него.
4. Со Европската комисија да се закаже четвртиот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво (март) во кој ќе бидат вклучени Владата и Националниот совет за европски интеграции. Европската комисија да го достави својот извештај, како што бара Советот, до средината на април. Европскиот парламент да закаже гласање за својот извештај во позитивна и конструктивна рамка.
РЕАKЦИИ
Партиите задоволни од договорот
Секоја од партиите што учествуваа во вчерашното договарање искажа задоволство од решенијата.
Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека договорот го покажа неуспехот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски да ги реализира барањата што досега ги прикажуваше како категорични.
– Ова покажа дека Црвенковски не го издржа притисокот. Дури четири точки од договорот се спротивни на тоа што досега го зборуваше. Прво, оди на локални избори, второ, ја прифатија комисијата на Иванов која претходно ја одбиваа, се враќаат во Собрание, за кое до пред два дена тврдеа дека не го признаваат како институција и нема конкретен датум за предвремени избори – коментираа во партијата.
Од опозицискиот СДСМ рекоа дека за нив е најбитно тоа што е постигната согласност за предвремените парламентарни избори.
– За нас е најважно што власта попушти во делот до 1 септември да се договориме за предвремени парламентарни избори. Се разбира, понатаму с` ќе се одвива врз основа на пролетниот Извештај од Европската комисија, но за нашата партија тоа беше најважно – локални со договор за предвремени парламентарни избори – рече Андреј Петров, секретар на партијата.
ДУИ исто така ја поздрави одлуката на опозицијата да учествува на локалните избори и да се врати во Собранието.
– Со тоа се создаваат сите предуслови за легитимни и фер избори и за враќање на фокусот на целото општество на евроинтеграциите – вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
Во партијата се истакнува дека се задоволни бидејќи не е поместен датум за одржување на локалните избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)