Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за економија Беким Незири, во саботата го посетија аеродроемот „Александар Велики“, каде имаа работна средба со раководството на концесионерот на аеродромите во Македонија ТАВ, на која беше разговарано за конкретни идеи како да продолжи позитивниот тренд во авиосообраќајот.
Тие работно ја посетија и Македонската навигација М-НАВ, која се грижи за прелетите на авионите над Република Македонија.
Вицепремиерот информираше дека во првото полугодие од 2014 за околу 70 отсто е зголемен бројот на патници од аеродромот „Александар Велики“-Скопје во однос на 2009 година. Се очекува до крајот на годинава зголемувањето да биде двојно во споредба од пред пет години. Тоа е мини бум во авиосекторот што влијае и на зголемување на бројот на туристи, а се должи на мерките и политиките што ги спроведува Владата во изминатите неколку години.
-Од 2009 година до сега се бележи приближно 70 проценти зголемување на бројот на патници, а до крајот на годинава се очекува зголемувањето во однос на 2009 да биде за околу 100 проценти, односно од околу 600.000 до сега, можеби ќе се стигне до 1.200.000 патници на овој аеродром. Тоа укажува дека со мерките и политиките што се спроведуваат даваат соодветни резултати, како договорот за концесија, големиот број субвенции со нискобуџетните линии, но и разните други иницијативи преземени за привлекување поголем број туристи, се бележи мини бум во овој сектор, истакна Пешевски.
Речиси е двојно зголемен и бројот на дестинации за кои има директни летови од аеродромот во Скопје, односно од 15 во 2009 година нивниот број е зголемен на 27.
-Проектот е реализиран заедно со ТАВ зашто во преговорите со нискобуџетните авиокомпании кои летаат од Скопје, еден дел од субвенциите дава Владата, а во добар дел се и ниските трошоци и намалени цени за услугите што ги дава ТАВ, кои придонесоа овие компании да дојдат во Македонија и да се зголеми бројот на дестинации. Средствата што се одвојуваат од буџетот на Република Македонија за оваа година ќе бидат приближно за 30 проценти поголеми отколку минатата година, истакна Пешевски.
Министерот за економија Беким Незири истакна дека авиосообраќајот е важна гранка во развојот на економијата и има индиректен ефект врз економскиот раст на државата.
-Зголемувањето на бројот на патници позитивно влијае на зголемување на бројот на туристи во Македонија. Во споредба со првите шест месеци на 2013, има зголемување за 6,1 процени на странски туристи кои ја посетуваат нашата држава. Позитивни резултати има и во Македонската навигација. Во првите 6 месеци на 2014 сме лидери во Европа зашто има зголемување за 28,2 % на прелетите над Република Македонија. Во Европа зголемувањето на прелетите е 4,8 проценти, што значи дека зголемувањето кај нас е шест пати повеќе. Тоа е резултат на отворањето на косовскиот воздушен простор, кој го води провајдерот на Унгарија, но бенефит има најмногу нашата држава, рече Незири.
Заменик-генералниот директор за оператива на ТАВ Македонија Алпер Тунга Ерсој се заблагодари за поддршката што ја добиваат од Владата на РМ зашто тоа, рече, е важно за секоја странска компанија и инвестиција.
-Од самиот почеток ТАВ ги исполнува ветувањата – го отворивме аеродромот, го зголемивме бројот на патници. Тоа се должи на нашата маркетинг-стратегија, учеството на многу меѓунродни саеми за авиопревозници, субвенциите што ги даваме за авиопревозниците и туроператорите. Се надеваме дека поддршката ќе продолжи. Очекуваме дека оваа година ќе достигнеме број од еден милион патници од скопскиот аеродром, рече Ерсој.
Статистиката покажува дека во првите шест месеци на 2014-та на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје се превезени 559.779 патници. Во јули на скопскиот аеродром имало 132.227 патници, а заедно со охридскиот минатиот месец имало 144.784 патници. За седум месеци двата аеродрома во РМ имале 704.563 патници, што е раст од 17 проценти во однос на истиот период во 2013.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.