| четврток, 6 декември 2018 |

Амбасадорот Јолевски и генерал Креј потврдија партнерството меѓу Македонија и Вермонт

102811052
Македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски имаше средба со новоименуваниот командант на националната гарда на американската сојузна држава Вермонт бригадниот генерал Стивен Креј, на која разговараа за продолжување на партнерството меѓу Македонија и Вермонт.

Креј вчера ја презема функцијата аѓутант генерал на националната гарда на Вермонт, која од 1993 година има партнерски однос со Армијата на Република Македонија, од досегашниот командант на гардата генералот Томас Дру.

– Генералот Дру, во своето проштално обраќање, им изрази благодарност на војниците на АРМ за нивната храброст и поддршката на мисијата покажани во Авганистан. Дру оцени дека соработката со АРМ е исклучително важна за Вермонт. Генерал Дру и самиот служел како командант на бригада во Авганистан при што служел заедно со македонските војници и од прва рака го познава нивниот квалитет. Новоименуваниот командант, генералот Креј, изрази подготвеност соработката меѓу Македонија и Вермонт да продолжи и да се зајакнува понатаму- изјави амбасадорот Јолевски кој го имаше првиот состанок со генералот Креј по неговото стапување на должност во церемонија во воената база Камп Џонсон во градот Колчестер.

Амбасадорот Јолевски во Камп Џонсон се сретна и со гувернерот на Вермонт Питер Шумлин, сенаторот Берни Сандерс и со претставици од конгресната делегација и претставници на Законодавниот дом на Вермонт.

Јолевски и генералот Креј разговарале за соработката меѓу Македонија и Вермонт во изведувањето на заеднички воени вежби, јакнење на капацитетите за одбрана од кибернетски напади и во образованието. Долгогодишната соработка меѓу македонската армија и гардата на Вермонт доведе до тоа неформалните маскоти на вермонтската гарда да се шарпланинците Мак и Донија, дадени како подарок на поранешниот аѓутант генерал Мајкл Дуби, и нивните девет кутриња.

За време на посетата на Вермонт, амбасадорот Јолевски оствари средби во Медицинскиот центар на Вермонт, водечка здравствена институција во оваа држава, каде било разговарано за можноста за обука на македонски лекари во Вермонт. Амбасадорот се обрати во универзитетот Норвич, кој има долгогодишна соработка со Македонија. Јолевски, пред студентите на Норвич, ги претставил предизвиците со кои Македонија се соочува во економскиот развој и политичките реформи.

– Со студентите во Норвич разговаравме за лидерството во Македонија, во преземање на мерките кои водат кон создавање на клима поволна за економски раст. Во моето обраќање се осврнав на инвестициите во образованието, во создавањето на квалификувана работна сила, на градењето на транспарентно општество и борбата против корупцијата- изјави Јолевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top