| четврток, 6 декември 2018 |

Јолевски: Македонија придонесува за евроатлантската стабилност

јоле

Природата на безбедносните предизвици бара подобрена и сестрана соработка меѓу земјите и сите засегнати страни. Македонија се докажа како сериозен партнер во соочувањето со безбедносните предизвици. Ние ги споделуваме процените за безбедноста и континуирано даваме значаен придонес кон евроатлантската стабилност. Активно придонесуваме и во рамките на колективните напори за соочување со современите предизвици, закани и ризици.

Ова денеска во Виена го истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој учествува на состанокот на земјите од Централноевропската одбранбена соработка (ЦЕДЦ) заедно со Македонија, Црна Гора и Србија, посветен на менаџирање на мигрантската криза, заштитата на европските граници и хуманитарната помош за мигрантите.

Министерот Јолевски, информираат од неговиот кабинет, рече дека Република Македонија на соодветен начин се соочи со бегалците и мигрантската криза. ­

-Државните институции дејствуваат координирано и имаат воспоставено добра координација и соработка со земјите долж Балканската рута – посочи Јолевски.

Истакна дека Македонија ги презема сите мерки за безбедност за заштита на националните и регионалните интереси во согласност со политиката на ЕУ. ­

-Убедени сме дека нашите напори ќе бидат соодветно вреднувани и дека Македонија ќе го добие своето заслуженото место во евроатлантското семејство- порача Јолевски. Преземените чекори од страна на Република Македонија беа поздравени од земјите на Централноевропската одбранбена соработка, а беше истакната и важноста на Македонија во справувањето со миграциските текови.

На состанокот учествуваа министрите за одбрана на Австрија, Македонија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Црна Гора, Србија, Словенија и Словачка. Австрија како актуелен претседавач и координатор со ЦЕДЦ ќе ја информира Европската унија и меѓународните партнери за прогресот и нивната интеграција во натамошните активности. Во рамките на престојот во Австрија, министрите за одбрана на Македонија и Австрија, Зоран Јолевски и Ханс Петер Доскоцил го потпишаа планот за билатерална соработка во одбраната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top