Македонската кошаркарска репрезентација е пред нов предизвик и квалификациски циклус за настап на четвртото едноподруго Европско првенство, вкупно петто, а ривали во филтер- рундата ќе ни бидат Белгија, Белорусија и Данска.
Целта е да се освои едно од првите две места во групата Д, која е релативно лесна, за виза на ЕП. Циклусот квалификации овој пат се игра експресно брзо за само еден месец, а август го крие одговорот дали Македонија ќе стаса до „петка“ со настапи на континенталниот шампионат. Игравме во Франција во 1999 година како дебитанти, потоа во Полска пред 5 години, во Литванија во 2011 година, каде што го направивме историскиот успех со освојување на четвртото место, пласман што е најдобар во колективните спортови од осамостојувањето на Македонија. И во Словенија пред две години бевме учесници на ЕП, но тогаш ни одблизу не бевме на очекуваното ниво и испаднавме уште во првата фаза по групи.
Интересно и речиси за аналите на европската кошарка е што квалификациите ќе бидат завршени, а нема да се знае која земја ќе биде домаќин на шампионатот во 2015 година. Тоа се нема случено досега, а проблемите и воените судири во Украина доведоа до чудна ситуација. Украинците се откажаа од организација на 38. Европско првенство, па одлуката која земја ќе биде домаќин ќе биде донесена во септември. Кандидати има многу, се пријавија осум земји и во конкуренција се Германија, Франција, Хрватска, Турција, Финска, Летонија, Израел и Полска. Можно е и две или повеќе држави заедно да го организираат шампионатот.

Македонија – млади лавови во мисија за нов пласман на ЕП и за потврда на квалитетот
Македонија веќе се навикна на настапи на Европското првенство и се очекува повторно да биде дел од најдобрите 24 селекции на стариот континент што ќе играат на 38. самит на европските кошаркарски репрезентации.
Ситуацијата овој пат е малку поинаква и новиот селектор Александар Џикиќ ќе ги нема на располагање „старите волци“ од калибарот на Перо Антиќ, Владо Илиевски, Тодор Гечевски, Лестер Бо Мекејлеб, Предраг Самарџиски и Ѓорѓи Чековски. Време е за нов почеток, а фортуната ни понуди добра ждрепка.
Белгија и Белорусија ќе ни бидат главни конкуренти за првите две места во групата Д. Стартот на квалификациите за нас е во Скопје на 10 август. Ни доаѓаат „црвените ѓаволи“ од Белгија, па потоа трипати ќе гостуваме и во финишот двапати ќе бидеме домаќини. Тоа навидум и не е лош распоред на натпревари ако се знае дека ја подмладивме репрезентацијата и клучните мечеви во завршницата на квалификацискиот циклус ќе ги играме на домашен терен. Во бастионот што тешко се освојува – салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Покрај драстичното подмладување имаме и нов селектор во српскиот стратег Александар Џикиќ. Според првите настапи во подготвителниот период на македонската репрезентација, 43-годишниот белграѓанец е вистински избор на Кошаркарската федерација на Македонија. Џикиќ има искуство иако е релативно млад, а стигна и до НБА-лигата. Тој е првиот тренер што работел во НБА без претходно искуство во некоја од лигите во САД. Беше асистент-тренер во стручниот штаб на НБА-тимот Минесота тимбервулфс во 2005 година и е вториот Европеец што стигнал до таква позиција. Тој верува во младиот состав што го има на располагање, а почна одлично со 5 победи во подготвителниот период и само два порази од реномираните селекции на Италија и на Хрватска.

– Ќе имаме проблем под кошевите бидејќи сме тенки со високи играчи. Но, јас ја почитувам филозофијата „5 кошаркари една идеја“. Мораме да играме колективна кошарка, брза и агресивна, особено во одбраната, за да го анулираме недостатокот под кошевите. Одбраната, пожртвуваноста и битката за секоја топка ќе бидат заштитен знак на оваа селекција – вели Џикиќ.
Браќата Стојановски, Војдан и Дамјан, заедно со Бојан Трајковски и новиот „Американец“ Ричард Хендрикс треба да бидат главните адути на Македонија во обид да се стигне до петтото учество на ЕП и да се задржи континуитетот од настапи. Тука се и екстра-талентираниот Андреј Магдески и уште неколку кошаркари од домашното првенство кои најавуваат убава иднина и го имаат неопходниот квалитет да се изборат за настап на шампионатот следната година.
Поширок состав на Македонија за квалификациите
- Ивица Димчевски,
- Андреј Магдевски,
- Дарко Соколов,
- Александар Костоски,
- Војдан Стојановски,
- Дамјан Стојановски,
- Марко Симоновски,
- Владимир Брчков,
- Бојан Трајковски,
- Стојан Ѓуроски,
- Марјан Јанески,
- Ричард Хендрикс,
- Бојан Крстевски,
- Љубомир Младеновски

Белгија – висок кошаркарски скок на „црвените ѓаволи“
Изгледа изненадувачки, но, според процените на експертите, Белгија е прв фаворит за пласман на ЕП од оваа група. „Црвените ѓаволи“ имаа рапиден напредок во новиот милениум, вложуваат многу во кошарката, а резултатите се добри.
Од 2011 година ги предводи Еди Кастелс, а репрезентацијата на Белгија играше на последните две европски првенства, исто како и Македонија. Во Литванија пред три години беа претпоследни, додека лани во Словенија прикажаа солидна игра и го освоија деветтото место.
Проблем за нив е што ќе го немаат искусното дуо Ван Росом и Бегин, кое беше дел од стартната петорка во последните неколку години. Се работи за мошне компактна селекција што игра цврста кошарка и има неколку кошаркари од светска класа.
Ги предводи ветеранот Аксел Ервеле, првиот белгиски кошаркар што бил драфтуван во НБА, во тимот на Денвер нагетс. Крилото на Белгија играше пет сезони за гигантот Реал Мадрид и тој е вистински лидер на оваа селекција. Големото засилување за нив допрва треба да заигра токму во квалификациите, а се работи за натурализираниот Белгиец со американски пасош Мат Лоџески. Ниското крило од Висконсин, САД, најверојатно ќе дебитира за Белгија во дуелот со Македонија во Скопје на 10 август. Се работи за 198 сантиметри високо крило од тимот на грчки Олимпијакос, со неверојатно добар шут, особено за три поени. Лоџески има и одличен одраз, што потврдува дека Белгија направи суперизбор.
Мора да се внимава и на Максим де Зеув, играч што, веројатно, во моментов е во најдобра форма во белгискиот тим. Висок е 206 сантиметри, годинава потпиша за Виртус Рома, а има многу прецизен удар. Белгија има и добри индивидуалци и одлична тимска игра, што ја прави прв фаворит за пласман на ЕП 2015 во конкуренција на Македонија, Белорусија и на Данска.

Белорусија – крај на црната серија без настап на ЕП
Интересно е што Белорусија никогаш не играла на Европското првенство во кошарка, а како дел од моќниот СССР медалите беа навика. Белорусите во минатото имаа свои кошаркари со медали од големите натпреварувања, а самостојноста им донесе сивило и слаби резултати во овој спорт.
Овој пат одлучија да му дадат шанса на српскиот стратег Душан Гвоздиќ да се обиде да го направи тој долгоочекуван завршен чекор и да ја одведе Белорусија на ЕП. Гвоздиќ има 36 години и ќе биде најмладиот селектор во комплетниот квалификациски циклус. Неговото неискуство, подмладувањето на репрезентацијата и неколкуте повреди и откажувања на дел од кошаркарите треба да бидат шанса за Македонија. Белорусија малку го смени и стилот на игра, со многу повеќе динамика и брзина, а Ахилова петица ќе им биде играта под кошевите. Немаат доминантни центри, главниот адут Парахуски им се повреди, па Гвоздиќ наметна нов стил.
– Иако имаме силни противници, на ниту еден меч нема да се предаваме. Ќе играме до крај, а се надевам дека во иднина кошарката во Белорусија ќе се приближи до националниот спорт, хокејот – изјави Гвоздиќ. Силни адути ќе му бидат одличните бекови Литич и Ситник. Во подготвителниот период добри претстави прикажа и крилото Пустахвар.
Данска – аутсајдер што нема што да загуби
И Данска е речиси во идентична ситуација како и Белорусија, и нема настап на Европското првенство во модерната ера на кошарката. Во 1951 година, 1953 и во 1955 година учествуваа на континенталните шампионати, но тоа се дамнешни времиња. Во групата Д во овие квалификации ќе ја имаат улогата на апсолутен аутсајдер, барем според најавите на експертите.
Голем пех за нив ќе биде откажувањето на влијателниот крилен центар Николај Иверсен. Тој беше еден од клучните играчи во данската репрезентација во последните десетина години. Селекторот Пјети Поикола има на располагања многу млад состав со просек од 22,3 години, а во отсуство на Иверсен, товарот во овие квалификации се очекува да го понесат бековите Бак, Дарбо и Реинхолт и центарот Бергштед.
Данците имаат добри млади кошаркари, но за овие и вакви квалификации, при што влогот е голем и секој поен, скок и удар се мошне важни, се чини, немаат доволно квалитет за да ги изненадат ривалите во групата Д и да направат сензација со настап на ЕП по пауза од 59 години.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ
Македонија – Белгија 76:73
10 август во Скопје од 20.30 часотДанска – Македонија 75:81
13 август во Хорсенс од 19.30 часотБелорусија – Македонија
17 август во Минск од 18 часотБелгија – Македонија
20 август во Шарлроа од 20.30 часотМакедонија – Данска
24 август во Скопје од 20.30 часотМакедонија – Белорусија
27 август во Скопје од 20 часот
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 101. број на неделникот „Република“, 8.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


