| четврток, 6 декември 2018 |

Германската „Техникал текстајлс“ ќе гради фабрика во Штип, нови 600 вработувања

Почетна инвестиција од вкупно 12 милиони евра најави денеска германската компанија за стаклени влакна „Техникал текстајлс“. Изградбата на објектот од 9.000 квадратни метри треба да почне идниот месец, а планираното производство најдоцна во мај 2015 година.

Mizo investitor 01 (Custom)

Како што рече денеска сопственикот Џенс Ванланд, за почеток ќе бидат вработени 500 до 600 лица кои веднаш, по изборот во октомври-ноември, ќе се испратат на обука во Словачка. Доколку фабриката работи добро, бројката ќе достигне преку 1.000.

– Сакаме што поскоро да почнеме со производство. Гледаме голема иднина во Македонија, особено од аспект на економијата. Ова е многу добро место за инвестирање. Ако стартуваме добро, ќе повлечеме и други вложувачи тука, наши партнери – нагласи Ванланд.

Mizo investitor 02 (Custom)

Според него, причините за вложување во Македонија се, пред сѐ, исклучителните даночни поволности.

Објектот во ТИРЗ Штип ќе го гради македонска компанија, но утре ќе се знае која. Моментно течат разговорите.
Ванланд за 2015 година  најави изградба на уште еден погон, вреден дополнителни 12 милиони евра.

„Техникал текстајлс“ најпрво сакаше да инвестира во АбуДаби, но се откажа поради сложените, бирократски процедури. Сопственикот потоа ја одбрал Македонија откако во авион, во германско економско списание, прочитал за условите и можностите што ги нуди земјава за странските вложувачи. Првите контакти на компанијата со директорот на Дирекцијата за технолошко-инустриски развојни зони (ТИРЗ) Виктор Мизо беа направени на почетокот од годинава.

Според Мизо, во првите шест месеци од годинава извозот од технолошко-индустриските развојни зони достигнал 550 милиони евра, а само во јули 90 до 100 милиони. Од „Техникал текстајлс“ во 2015 година се очекува извоз од над 250 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top