Романија треба да се насочи кон нови пазари, како што се Турција, Кина, Азија и Африка, бидејќи еврозоната „повторно западна во рецесија“, изјави романскиот премиер Виктор Понта.
– Европа доби нови лоши вести. Еврозоната е повторно во рецесија. Тоа значи дека Романија помалку ќе успева да го одржува ритамот на економски раст и на создавање нови работни места само од европскиот пазар. Треба да се свртиме кон други пазари – изјави Понта, кој додаде дека на краток и на среден рок на Русија не може да се смета како на трговски партнер на Романија.
– Сите економски врски меѓу Европа и Русија ќе се влошуваат сѐ повеќе и тоа ќе им наштети на економиите на Германија и на другите земји – додаде Понта.
Според податоците на Евростат објавени вчера, домашниот бруто-производ во ЕУ во вториот квартал од годинава порасна за 0,2 проценти во однос на претходното тримесечје, додека економијата во еврозоната забележи нулти раст. Експертите очекуваа еврозоната да има раст на БДП од 0,1 отсто. На годишно ниво, економскиот раст на ЕУ во вториот квартал изнесувал 1,2 проценти, а на еврозоната 0,7 отсто. На годишно ниво растот на БДП на Романија изнесува 2,6 отсто, додека на квартално ниво тој е поголем за еден процент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


