Претседателот на Гвинеја Алфа Конде прогласи вонредна состојба поради епидемијата од ебола, а минатата недела вакви одлуки донесеоа и Либерија, Нигерија и Сиера Леоне.
Поради епидемијата на хеморагичната треска Гвинеја Бисао ги затвори границите со Гвинеја.
Светската здравствена организација соопшти вчера дека за два дена, во неделата и во понеделникот, се регистрирани 56 нови смртни случаи и 128 нови случаи на заразени со вирусот на ебола во западна Африка. Сегашната епидемија зеде 1.069 жртви, а 1.975 лица се заразени.
Во Либерија вчера со авион од САД пристигна пратка од експерименталниот лек против ебола – ЗМапп (ZMapp), кој ќе биде искористен за лекување на двајца либериски лекари, кои се заразени од болеста, лекувајќи пациенти, вклучувајќи и нивни колега, кој починал.
СЗО соопшти дека од лекот засега се произведени 10 до 12 дози и сето тоа покрена голем број етички прашања, на пример кој има предност да го користи. Двајцата либериски лекари ќе бидат првите Африканци, кои ќе го добијат. Досега лекот му беше даден на шпанскиот свештеник, кој почина и на двајцата американски хуманитарни работници, за кои се тврди дека покажуваат симптоми на подобрување на состојбата.
Освен тоа здравствените власти стравуваат дека користењето на тој лек, чија ефиканост се уште не е докажана, може да ги изложи на обвиненија дека ги користат луѓето како експериментални глувци.
– Овој лек носи ризик за пациентите, изјави пред новинарите заменик-министерот за здравство на Либерија, Толберт Нијсуа.
Компанијата која го произведува лекот, чиешто седиште е во Калифорнија, соопшти дека досега произведените количини се потрошени и оти за производство на нови сосема мали количини се потребни месеци. Лекот не бил тестиран врз луѓе и не е познато дали е ефикасен или дали може да предизвика штета.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.