Франција во 2013 година ја посетиле вкупно 84,7 милиони туристи, што ја прави најпосетена земја во светот.
САД и Шпанија, кои по бројот на посетители се зад Франција, ги посетиле 69,8 милиони, односно 60,7 милиони странски туристи, се наведува во студијата на генералната управа задолжена за прашања за конкурентноста (ДГЦИС) при министерството за економија на Франција.
Франција во 2013 година во најголем број ја посетиле туристи од Европа забележувајќи пораст од 1,2 проценти во однос на 2012 година. На прво место се Германците, вкупно 13 милиони што претставува пораст од 6,5 проценти во однос на 2012 година, а по нив следуваат Британците.
Туристите од Белгија, Луксембург, Италија и Шпанија сепак биле помалубројни отколку во 2012 година. Посетителите од Северна Америка се најбројни воневропски гости на Франција. Од Азија вкупно 4,5 милиони туристи ја посетиле Франција во 2013 година, што е раст од 13 проценти во однос на 2012 година.
Во порастот на бројот на азиски гости најмногу придонел приливот на кинески туристи, вкупно 1,7 милиони или пораст од 23,4 проценти во однос на 2012 година. Од друга страна, бројот на гости од Јапонија е во опаѓање од 6,7 проценти.
Во студијата се наведува дека странските туристи кои ја посетиле Франција во 2013 година го продолжиле времето на престој на 7,1 ноќевање во однос на 6,9 ноќевања во 2012 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.