Македонските шахисти забележаа убав успех на Олимпијадата во Тромзо, Норвешка, со победа од 2,5-1,5 против Данска и во последното 11. коло ќе атакуваат на триумф против Киргистан за пласман меѓу најдобрите 30 селекции.
Ќе се игра утре на затворањето на шаховската Олимпијада, а моментно пред стартот на последната рунда Македонија е на 37. позиција со 13 поени. Победа против Киргистан може да ни донесе и пласман во топ-20, што би бил одличен успех.
Со Данците блесна Филип Панчевски единствениот што забележа цел поен на четирите табли. Интермајсторот го надигра велемајсторот Алан Стиг Расмунсен, што комбинирано со нерешените исходи во останатите три партии ни донесе минимална, но вредна победа од 2,5-1,5.
Во битка за медалите пол-позицијата ја има Кина, а утре им треба победа над Полска за златен медал. Кинезите имаат 17 поени, еден повеќе од Унгарија која игра против силната Украина, а за медал шанса имаат и Франција, Русија, САД, Узбекистан, Индија, Азербејџан и Полска кои имаат по 15 поени.
Кај дамите Русија е неприкосновена на врвот со 18 поени, пред Кина и Украина со 17. Македонија е на 83. место со 9 поени и ќе игра со интернационалниот тим составен од хендикепирани лица во последното коло.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


